Македонските ракометни шампионки, екипата на ЖРК Вардар денеска игра исклучително важен натпревар во последното коло од групната фаза во Лигата на Шампиони. Откако со победата во минатото коло над екипата на Крим, вардарки обезбедија пласман во 1/4 финалето, сега, во дуелот со Динамо Синара, директниот конкурент за што подобар пласман, Вардар е пред предизвикот за победа, и тоа од две главни причини.

Првата причина, е онаа за која сите спортски весници и портали пишуваа во изминатава недела – можноста Вардар да заврши на второто место во групата и да го избегне дуелот со европскиот првак Ѓер, веќе во четвртфиналето. За да се случи тоа, Вардар треба да го совлада денешниот противник со над 8 голови разлика, но и да се надева дека Лајпциг може да направи изненадување и да остане непоразен во дуелот со Турингер на утрешниот меч. И дури и ако Вардар вечерва одигра совршен натпревар, и успее да слави убедливо, веројатноста дека Турингер нема да триумфира во својот дуел е навистина мала. И затоа, ние од МакРакомет сметаме дека ова е поневажната причина заради која Вардар вечерва треба да се надмине и да триумфира убедливо,

Втората причина, и по нас клучна, е пораката која Вардар треба да ја прати токму кон својот иден противник во 1/4 финалето. Вардар играше слабо речиси цела сезона, но во последните два дуела покажа значителен напредок. Дали тоа се должи на растот во формата на ракометарките и доброто темпирање на истата, или пак веќе се гледа работењето на данскиот стручњак Питлик на клупата на ЖРК Вардар, во овој момент е небитно. Тоа ќе биде предмет на анлиза по овој дуел. Она што е важно е да се покаже дека двете убедливи победи, особено онаа со Крим минатиот викенд, не беа случајност и дека Вардар храбро чекори кон зацртаната цел на почетоткот на натпреварувањето – пласман на завршниот турнир во ЛШ. Па дури и пречка на тој пат да е европскиот првак, моќниот Ѓер.

Мечот со Динамо Синара е со почеток во 19.00 часот, во салата Јане Сандански, со директен пренос на Алфа ТВ.