По убедливата и сигурна победа над Швајцарија во првото коло, во недела Македонија ќе го одигра вториот меч од квалификациите за ЕУРО 2016, против директниот конкурент за пласман на ЕП, репрезентацијата на Чешка.

Уште по извлекувањето на групите, јасно беше дека покрај сигурниот патник Франција, помеѓу нашата репрезентација и репрезентацијата на Чешка ќе треба да се бара вториот патник за ЕП. Чешката репрезентација е навистина силен противник. Иако, на последните неколку натпревари, Македонија излегува како победник, Чешка е силна ракометна репрезентација. Особено кога игра на домашен терен. Тоа го почувствува и репрезентацијата на Србија во јуни годинава, кога беше поразена со неверојатни 12 гола разлика. Впрочем, и нашата репрезентација еден од најтешките порази во својата историја го има забележано токму на гостување во Чешка, кога во квалификациите за СП 1997 бевме поразени со 43-25.

Но ова се други квалификации, друг сооднос на силите. Македонската ракометна репрезентација како никогаш до сега има голем број на играчи за ротациија, и независно од формата на дел од репрезентативците, оваа селекција оди на победа во секој дуел. Впрочем, кога целта на оваа селекција е пласман на ОИ во Рио 2016, поинаку и не може.

Нашите репрезентативци ќе мора да одиграат многу подобро во однос на мечот од првото коло. Ќе мора да бидат многу концентрирани во нападот, без непотребни грешки, кои би овозможиле лесни голови за противникот. Доколку бројот на технички грешки се намали на минимум, половина работа е завршена. Ако ги натераме Чесите да играат позиционен напад, шансите за успех се на страна на македонската репрезентацијата. Одбраната со години е најјак дел на овој тим, и дури и многу посилни селекции од Чешката тешко успеваат да излезат на крај со неа.

Во отсуство на Јиха, и во ситуација кога Павел Хорак од Фуксе Берлин сеуште се опоравува од неодамнешната операција на лактот, тимската игра е најсилниот адут на Чесите. Сепак, на мечот со Франција, двајца играчи се истакнаа – бекот Линхарт и пивотот Јурка, па нешто поголемо внимание ќе треба да се обрне на овие два играчи.
Во македонската репрезентација, очекуваме придонес од сите кои ќе настапат на мечот. Покрај стандардниот учинок на Лазаров, очекуваме и Мојсовски да заигра во подобра форма и да придонесе селекцијата да дојде до позитивен резултат.

Се на се, иако не очекува навистина тежок меч, Македонија може да дојде до бод или два и со тоа да биде на чекор до пласман на уште еден собир на најдобрите ракометни селекции на стариот континент.

Натпреварот ќе се одигра во недела, со почеток во 13:30, со директен пренос на Алфа ТВ.