Ракометарите на Вардар веќе утре го пречекуваат унгарскиот вицепрвак Пик Сегед во СЦ „Јане Сандански“, во рамките на второто коло во Лигата на шампиони. Незгодниот и најпотценетиот тим во Европа доаѓа во Скопје, одличен тим кој располага со голем квалитет ќе биде втората пречка на Вардар, кон патот до Ф4.
Екипата на Пик Сегед, која постојано е во сенка на Веспрем (22-кратниот првак на Унгарија) во првото коло направи големо изненадување, совладувајќи го фаворизираниот Киелце со 31:30. Натпревар во кој ракометарите на Пик Сегед имаа цело време водство од 3-4 погодоци, натпревар во кој блескаше Дејан Бомбач, кој ја торпедираше полската екипа со 11 погодоци.
Ракометарите на Пик Сегед се одликуваат со цврста/тимска игра во одбраната и брзи полуконтри/контри во нападот. Триото Бомбач, Сантос и Врањеш се одлични во нападот, одлична прегледност и убиствени во завршницата. Играчи кои треба ракометарите да ги неутрализираат на утрешниот натпревар, дотолку сакаме позитивен резултат.
За разлика од Пик Сегед, ракометарите на Вардар во првото коло имаа за нијанса послаб противник од унгарците. Ги имавме французите Монпелје, со кои вардарци играа променливо и неконтинуирано, но сепак доволно за да се вратат со два бода од Франција.
Но, ваквата игра мора да се поправи против Пик Сегед, клучно е нашите средни бекови, Карачиќ и Цинриќ да се покажат во вистинско светло и да се приклучат на феноменалните Македа и Деревен во нападот. И покрај ситните повреди кои ги имаат Карачиќ(рамото), Циндриќ(дисторзија на скочен зглоб), тие ќе бидат на терен и ќе го дадат својот максимум, се со цел да останат бодовите во Скопје.
Мора да напоменеме дека на клупата на двете екипи седат одлични стратези и добри пријатели, Хуан Карлос Пастор кај Пик Сегед и Раул Гонзалес кај Вардар, кои ќе се надигруваат на утрешниот натпревар.
Овие две екипи веќе се сретнаа пред почетокот на оваа сезона. Во финалето на турнирот во Кањижа, каде Вардар го победи Пик Сегед со 22-19. Шанса да се повтори успехот, дури и да се биде поубедлив, ќе имаме во недела во 17:30 часот во СЦ „Јане Сандански“.
Директен пренос од натпреварот ќе може да проследите на МРТ1.