Екипите на РК Металург и дебитантот во оваа нова натпреварувачка сезона, екипата на РК Работнички ќе го заокружат второто коло од ВИП машката Супер лига. По одиграното прво коло и двете екипи забележаа победи, со што имаа успешен старт на новата сезона. Работнички беше подобар на домашен терен против екипата на РК Охрид, додека Металург на гостински терен убедливо ја порази екипата на РК Вардар Јуниор.

Натпреварот помеѓу Металург и Работнички е закажан за денес со почеток во 18 часот, а ќе се одигра во спортската сала во Автокоманда.

Екипата на МакРакомет, пред овој натпревар, имаше можност да поразговара со пивотот на Работнички и македонскиот репрезентативец, Никола Маркоски, кој накратко ни ги изнесе своите очекувања за овој натпревар.

,,Сметам дека екипата на Металург е во добра форма и се во блага предност на овој натпревар, бидејќи играат на домашен терен. Тие располагаат со поголем број на играчки кадар, за разлика од нас. Сето тоа е така заради тоа што ние имаме неколку повредени играчи, а некои се уште не се опоравени од повредите. Сепак покрај се’, очекувам интересен натпревар, пред се’ тежок и се надевам дека со цврста одбрана и борба до последната секунда, ќе дојдеме до добар резултат” – изјави Маркоски.

За сите љубители и посетители на ракометот, билетот за овој натпревар чини 100 денари, а истиот може да се купи на касата на спортската сала во Автокоманда.

За потсетување, сите натпревари од ВИП машката Супер лига ќе бидат пренесувани во живо на официјалната страна на Ракометната Федерација на Македонија.