Последниот натпревар од четвртото коло што се одигра во Радовиш помеѓу екипите на РК Радовиш и РК Охрид заврши со голема и убедлива победа на ракометарите од Охрид. Екипата на Охрид уште од самиот почеток го презеде водството за што сведочи и резултатот на крајот на првото полувреме, 9:16. Лошата игра на тимот на Радовиш беше причина водството на гостинот да се зголемува во текот на целата средба, за да на крај достигне до +10, за конечни 19:29.

Тимот на МакРакомет, веднаш по натпреварот имаше можност да поразговара со крилото на РК Радовиш, Спасе Ѓоргиев кој видно разочаран ни го изјави следното:

„Како екипа која има амбиции за плеј-оф, посакувавме победа на овој натпревар, меѓутоа многуте промашени зицери и пенали, а посебно слабата игра во одбраната не ни дозволија уште од самиот почеток да ја оствариме посакуваната цел. Постојаното бркање на 3-4 голови негатива придонесоа до паѓање на концентрацијата и правење на многу грешки кои не се својствени за нашиот тим. Им честитам на ракометарите на РК Охрид и се надеваме деќа ќе успееме да им се реваншираме за овој пораз.”

Веќе утре започнува и 5-тото коло од ВИП машката Супер лига.

Двојки за ова 5-то коло се:

  • РК Работнички – ГРК Борец
  • РК Тинекс Пролет – РК Металург 2
  • РК Вардар Јуниор – РК Прилеп
  • РК Охрид – РК Пелистер

Заостанатиот натпревар од 3-тото коло помеѓу екипите на РК Охрид и РК Металург ќе се одигра на 14.10.2015 година.