Средбата од второто коло на плеј-оф фазата помеѓу екипите на РК Прилеп и РК Металург, заврши во полза на екипата од ,,Автокоманда.”
Како што се очекуваше пред почетокот на натпреварот, екипата на Металург која важеше за фаворот ја оправда таа улога во текот на целата средба. Натпреварот го отвори гостинот со серија од 5:0, а на домаќините им беа потребни повеќе од 11 минути за да го постигнат својот прв гол. Металург имаше водство во текот на целиот натпревар, така што победата не бее доведена во прашање, со исклучок на моментот кога на почетокот на второто полувреме домаќинот се доближи до само еден гол негатива, кога имаше и напад за изедначување, но истиот не го искористи. Непосредно по тоа следеше серија на гостинската екипа од 3:0 и водството на гостите се зголемуваше од минута во минута. Крајниот резултат на натпреварот изнесуваше 18:24 (10:12).
Средбата помина во фер и коректна игра, со неколку исклучувања и на двете страни. Најефикасни на овој натпревар беа Стојановиќ од Металург со 7 постигнати голови и Бозароски од РК Прилеп кој постигна 5 голови. Црвен картон заработи ракометарот на Металург, Милорад Кукоски поради три исклучувања.
Салата во Прилеп беше исполнета до последното место, а за атмосферата во салата дополнително се погрижија и навивачките групи на двете екипи, ,,Мајмуните” и ,,Пиратите.”