Првиот натпревар од 6-тото коло од нашето најсилно ракометно натпреварување во кој играа РК Тинекс Пролет и РК Вардар Јуниор, заврши со победа на РК Вардар Јуниор. Гостите беа поуспешни од екипата на Тинекс Пролет совладувајќи ја со 29:25. Иако на почетокот од првото полувреме не изгледаше така, бидејќи ракометарите на Пролет имаа водство од 3 гола разлика, 10:7, сепак избранците на Манасков успеаа да се вратат во натпреварот и да направат еден пресврт со серија од 6:1. На одмор екипите заминаа при резултат 11:13.
Второто полувреме започна лошо за домаќините, дозволувајќи одново мини серии на гостите. Низ текот на целото второ полувреме, гостинската екипа имаше константно водство. Највисоката предност на гостите достигна до 6 голови разлика. Со максимална концентрација во нападот и посебно во одбраната, екипата на Вардар Јуниор успеа да го задржи водството и да го заврши овој натпревар со победа. Крајниот резултат на оваа средба е 25:29.
Најефикасни на овој натпревар беа Андоновски со 9 голови од екипата на Тинекс Пролет, а од противничкиот тим одлична партија прикажаа голманот Чаневски кој успеа да наниже 14 одбрани, како и Чурлевски кој успеа да погоди 7 пати.