Втор натпревар по ред Металург нема среќа и е поразен со минимални, 21-20.

Во натпревар со многу грешки, особено од страна на играчите на Металург, домаќинот се снајде подобро и заслужено доаѓа до победа и два бода.

Од самиот почеток се виде дека ова ќе биде тежок и неизвесен дуел. Во екипи со изедначен квалитет, практично целото прво полувреме Баја Маре беше во водство, кое сепак постојано се движеше од 1-2 разлика. Кога домаќинот се одлепи на +4 (единствен пат во текот на целот дуел), Червар со тајм-аут ги смири своите играчи, кои со три едноподруго голови се вратија во мечот на 9-8. До крајот на полувремето и двете екипи постигнаа по еден гол за 10-9 за Баја Маре на паузата. Вреди да се спомене дека првото полувреме го одбележија многуте технички грешки кои ги направија играчите на Металург, па се чинеше дека негативата од само еден гол се чинеше дека може да се стигне во вториот дел.

За жал. Металург продолжи со лошата игра и во второто полувреме. Со толку грешки во нападот, премногу промашени зицер ситуации (пред се Маџовски и Талески), Металург не можеше да се надева на позитивен резултат. Македонската екипа беше во игра до самиот крај на мечот, само заради феноменалните Божовиќ кој со топовските удари го излудуваше голманот на Баја Маре, и извонредниот Дупјачанец, кој бранеше феноменално на уште еден натпревар во серија. И во таква игра, Металург имаше напад за изедначување, но Мраковчиќ несватливо згреши и шансата отиде во неповрат.

Божовиќ со 8 гола и Матиќ со 4 беа најпрецизни кај Металург, а мора да се истакне и Кузмановски кој игра се подобро и дуелот го заврши со 3 постигнати голови. Дупјачанец со преку 10 одбрани, одново беше вистинска поддршка за екипата. Кај домаќините, најпрецизен беше крилниот играч Иванчиќ со 6 постигнати голови.

За 7 дена, овој пат во Скопје, истите две екипи го играат бечот од 5-то коло во ЛШ.