Македонската ракометна селекција (играчи 1996 годиште) викендов настапува на силен турнир во Дабас, Унгарија, каде за противници ги имаат своите врсници од Унгарија, Хрватска и Норвешка.
Во првото коло, одиграно вчера, на 01.05, македонската селекција забележа тежок пораз од репрезентацијата на Хрватска од големи 11 разлика, 28-17. Избраниците на селекторот Влатко Неделковски беа целосно надиграни од Хрватите, кои сосем заслужено го добија мечот со двоцифрена разлика. Хрватите, чиј селектор е Хрвоје Хорват, од самиот почеток заиграа поангажирано, подобро и им одржаа вистинска ракометна лекција на нашите млади надежи. Ниту убедливата предност од 7 голови разлика на полувремето не беше причина да го намалат темпото, туку како вистински професионалци, максимално одиграа и во вторите 30 минути, за убедлив триумф 28-17 (16-9).
Во редовите на нашиот национален тим најдобри беа играчите на скопски Металург Давор Палевски со 5 погодоци и Горан Крстевски со 3, како и членот на Пелистер 08, Филип Кузмановски, кој постигна 3 гола. Кај Хрватите Марин Јелиниќ со 7 погодоци беше најдобриот поединец.
Селекторот Влатко Неделковски очигледно има сериозни проблеми со оваа генерација ракометари, која важи за најталентираната во младинските категории. Дали се работи за лоша селекција на играчи, за лоша подготовка на репрезентацијата или нешто трето, времето ќе покаже. Факт е дека оваа репрезентација на Македонија пред извесен период на турнир во Бугојно забележа 5 порази и дека ако набрзо нема резултат, РФМ ќе мора да направи сериозна анализа околу потребата за промени во оваа селекција.
Првата шанса за прекин на оваа серија порази е веќе денес, кога Македонија игра со репрезентацијата на Норвешка, која во првото коло загуби од Унгарија со резултат 25-22…