Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Ивица Обрван ќе ја продолжи својата тренерска кариера во францускиот прволигаш Шамбери, со кој потпиша две и пол годишен договор. Екипа која по осум одиграни кола во францускиот шампионат се наоѓа на шестото место со 9 бодови.
Секако нема да влијае врз неговите обврски како селектор на Македонија, со која од 15 јануари до 1 февруари ќе настапи на Светското првентво во Катар.
Еве што изјави Обрван во врска со неговото ново тренерско место во Франција, како и за селекторското место на нашата репрезентација:
„Не само што не помислував на заминување, туку останувањето на функцијата селектор на Македонија беше еден од условите што ги поставив при преговорите со Шамбери. Останувам најсериозно посветен на работата со македонската репрезентација, со која не очекуваат нови сериозни предизвици на мундијалот во Катар следната година. Раководството на РФМ беше информирано од првиот момент кога Шамбери искажа интерес за мој ангажман. Преселбата во Франција е нов предизвик во мојата тренерска кариера, тоа е шанса што едноставно не смее да се пропушти“ – изјави Обрван.