Во пресрет на исклучително битниот дуел со Киелце во ЛШ во сабота, екипата на РК Вардар денес одрша прес конференција, на која своите очекувања ги дадоа тренерот Раул Гонзалес и десниот бек, Алекс Душебаев.
„Пред нас е мечот од ЛШ со Кјелце, во добра ситуација сме, први сме со осум бода од пет натпревари. Играме многу важен натпревар, потребна ни е помош од публиката бидејќи во Скопје доаѓа многу добра екипа многу добар тренер каков што е Талант Душебаев. Мораме да се подготвиме добро, важно е да победиме, играме дома и мора да ги добиваме домашните натпревари. Треба да играме добра одбрана, да не биде како во Колдинг каде што одигравме лошо во тој сегмент, тие го имаат најсилниот пикер во светот и мораме да го спречиме”, изјави Раул Гонзалес, потврдувајќи дека во екипата нема да бидат Деревен и Стоилов.
Десниот бек Алекс Душебаев, по отсуството на мечот со Колдинг, се враќа во екипата. Очекува победа, а за да се дојде до тоа очекува игра со малку технички грешки, за да се спречи извонредната контра на полската екипа.
„Ова ќе биде многу важен натпревар за нас, противникот е еден од најдобрите тимови во светот кој играше во фајнл фор минатата сезона. Добро е да победиме, да имаме подобра бодовна разлика која е важна за пласманот понатаму. Најважно е да не правиме многу грешки за да не ни даваат голови од контри” – изјави Душебаев.
Мечот е во сабота, со почеток во 17:30, со директен пренос на МРТ1.