Очекуван пораз на Металург во мечот од 9-то коло коло од лигата на шампионите. Конечни 35-16 од моќната екипа на Кил.
Тешко е да се направи анализа на меч, чиј исход беше познат уште пред почетокот. Премногу импресионирано влегоа во натпреварот младите играчи на Металург. Всушност, самиот почеток и не беше толку лош. По 7 минути резултатот беше 3-3. Но, потоа почнува црната серија од повеќе од 20 минути без постигнат гол, за 17-3 на полувремето. Токму во овој период се забележа целото неискуство на овој тим на Металург. Ја сменија одбраната Германците околу 10-та минута во 5-1 и ракометарите, особено бековската линија, на Металург не се снајдоа.
Во продолжението на мечот металурзите влегоа многу поопуштено. Рака на срце, целиот меч, и особено второто полувреме, првата постава на Кил, преседе на клупа (само Јиха одигра цел меч), но тоа не го намалува квалитетот на играта на младите македонски ракометари во второто полувреме. Својот раскошен талент повторно го покажа Филип Талески, кој уште еднаш се наметна како лидер на овој тим на Металург. Тој мечот го заврши со 5 голови. Сосем солидно издание имаше и новиот играч Марко Бувиниќ со 3 погодоци, додека по 2 гола дадоа Нелоски и Костески.
Овој нов Металург е во процес на создавање и порази, особено од вакви супер силни екипи, се очекувани. Но, не може никој да каже дека нема талент во редовите на Металург. Впрочем, малку се екипите на балканот, па и во Европа, кој откако ќе остане без 16-17 играчи сепак има играчи во подмладокот кои коректно може да одиграат и со многу посилни екипи од себе.
На навивачите на Металург сигурно не им се пријатни ваквите мечеви, но исто така без сомнение ќе бидат задоволни од прикажаното на овие млади играчи, и ќе им ја дадат поддршката на своите миленици во остатокот на сезоната. Можност да им ја даде неопходната поддршка на овие млади деца скопската публика ќе ја има веќе следниот викенд, кога во последното коло од ЛШ, Металург ќе се сретне со екипата на ППД Загреб.