Двократниот европски шампион потклекна пред супериорноста на ЖРК Вардар и не само што не успеа да возврати на добрата игра на Вардарки од Скопје, туку уште еднаш покажа бледа слика и само дел од своите можности, и тоа на домашен терен, при краен резултат 27:27. Меѓутоа и покрај нерешениот резултат, предноста од 6 голови, која девојките ја обезбедија на првиот натпревар во Скопје, беше доволна за пласман на завршниот финален турнир и за нивна огромна радост.

И покрај неверувањето дека може да се помине европскиот шампион, како и некоректното судење од страна на полската судиска двојка, проследено со притисокот наметнат од страна на унгарските верни навивачи, кои ја беа исполниле Ауди Арената до последно место, ЖРК Вардар успеа да се пласира на F4 турнирот во Будимпешта.

Во првото полувреме се водеше лавовска битка помеѓу двата тима. Честа да го отвори резултатот ја имаше Андреа Пенезиќ со постигнување на почетниот погодок, носејќи му водство на ЖРК Вардар од 1:0, на што унгарските ракометарки брзо возвратија. Во наредните десет минути, благодарение на „подароците“ од судиската двојка, следеа две исклучувања, токму за Пенезиќ, по што хрватската репрезентативка беше принудена да игра исклучиво во нападот. Иако во еден момент унгарките имаа водство од 3, па и 4 голови разлика, полувремето по мини серијата на нашите ракометарки, заврши со резултат 13:12. За конечниот резултат од првото полувреме голем удел имаше Ина Суслина, која успеа да наниже 7 одбрани, во моментите кога тоа беше најмногу потребно.

Играта во второто полувреме уште од почетокот ни наговестуваше продолжение на одличниот приказ на ЖРК Вардар. По голот на Ања Алтхаус и изедначувањето 15:15, следеше гол на Јованка Радичевиќ, по што ЖРК Вардар го презема водството и го одржуваше се до крајот на натпреварот. Особено заслужна за добрата игра на ЖРК Вардар беше Амандин Лејно, која со своите 7 интервенции, не дозволи во ниту еден момент да се постави прашањето за тоа кој ќе ја диктира играта. Во последните минути, заради еуфоријата која ги обзема Вардарки, Ѓер успеа да изедначи, па и да поведе со 27:26, меѓутоа одличната Алтхаус со атрактивен погодок со шрауба, го оконча резултатот на 27:27.

Во нашиот состав најпрецизна беше Пенезиќ со 8 погодоци, додека во противничкиот состав Сен и Корсос постигнаа по 6 погодоци.

ЖРК Вардар уште еднаш се покажа како екипа достојна за почит, екипа со големи амбиции, кои иако на почетокот заради лошиот старт во групната фаза се чинеа невозможни, сега по се изгледа дека се на дофат. Дали одличната игра на Вардарки, проследена со искуството на Јан Питлик и иновациите внесени во нападот и одбраната, ќе бидат доволни во Будимпешта, останува да видиме. До тогаш, девојки радувајте се на победата, а ние ви честитаме!