Со натпреварот против екипата на Раднички Крагуевац, македонскиот ракометен шампион Металург ја заврши полусезоната. И токму последниот натпревар, и поразот од можеби најслабата екипа во регионалното натпреварување, ја отсликува првата половина од сезоната. Четири месеци кои се веројатно најтешките во историјата на Металург.
А се започна со огромни надежи за екипата на Металург. Со извонредна селекција на млади играчи, веројатно најголемите таленти на овие простори (Липовина, Циндриќ, Борозан, Ѓукиќ, Марсениќ, Талески, Нелоски), и со задржан костур од минатата сезона (Станиќ, Атман, Вугринец, Миркуловски, Манасков, Георгиевски, Димовски, Марковски, Јоноски), со силен втор голман во ликот на Коциќ, со опоравен Мојсовски. Практично никогаш Металург немал толку силен играчки ростер. И убаво започна подготвителниот период – со добра победа над Вардар на струшкиот турнир и освојување на титулата. Се чинеше дека Металург е на добар пат да направи вистинска комбинација на моќен тим кој може да го повтори успехот во ЛШ и да биде рамноправен во битката со Вардар за титулата во домашното првенство.
Но се тргна наопаку со почетокот на натпреварите на Лигата на шампионите. По поразот од ПСЖ во првото коло, на површина испливаа проблемите со кои се соочувал Металург. Проблеми пред се на финансиски план, кои неминовно се одразија на односите внатре во клубот на релација играчи – тренер – управа. Следеа уште три врзани порази од Брест, Загреб и Кил по што, како што секогаш бива, колата не престана да се се тркала надоле. Следеа настани кои се познати за целокупната македонска јавност – раскинување на договорот со Станиќ, штрајк на играчите и бунт против Червар, заминување на речиси сите странски играчи, нови порази во ЛШ и СЕХА. Се како да беше против Металург сезонава. Иако е јасно дека основниот проблем е финансиски и организациски, не може а да не се спомне и лошиот распоред кој при ждребувањето за ЛШ го доби Металург, исклучително лошото судење во првите три кола, кое очигледно беше на штета на македонскиот првак, наметнувањето на темата од одредени кругови надвор од клубот дека македонските репрезентативци во клубот не добиваат соодветна минутажа. И ова не е, и не може да биде оправдување за лошите резултати, но секако дека придонесе ситуацијата да дојде до толку ниско ниво.
И кога една екипа имала вака лоша полусезона, тешко е да се зборува за некакви позитивни моменти. Но сепак, имаше и такви, и истите мора да се истакнат. Во прв план тоа се Талески и Нелоски. Двајцата можеби најталентирани македонски млади играчи, заради сплет на околности добија минутажа и уште еднаш потврдија дека на нив мора да се смета. Истото се однесува и на Никола Марковски, кој покажа дека Металург има замена за искусниот Димовски. Исто, не може, а да не се потенцира дека репрезентација ќе има бенефит од игрите на Македонсците во последните месец и половина, бидејќи очигледно е дека нивната форма е во нагорна линија.
40 дневната пауза е период во кој дефинитивно ќе биде позната судбината на Металург. По наше видување, има 3 сценарија:
1. Металург финанскиски да се стабилизира, што неминовно ќе води кон организациски промени и подобрувања, но и кон зголемување на играчкиот ростер со неколку квалитетни засилувања. Дополнително, Металург мора да го искористи несомнено големиот потенцијал на играчи од сопствените школи, и да најде модус тие да се вклопат во првиот тим (тука пред се се Талески, Нелоски, Мартин Манасков, Костески и Борјан Маџовски, играчи кои Металуг не смее лесно да ги препушти на други клубови, откако со години инвестира во нивниот развој).
2. Драстично намалување на буџетот, намалување на платите на играчите кои ќе решат да останат за помалку пари и потпирање на играчите од сопствениот погон (особено Металург 2). Во такви услови да се заврши сезоната и да следи пообена реконструкција – играчка, организациска, тренерка за време на летото.
3. Згаснување на клубот.
Цела македонска јавност ја посакува првата опција. Не постои искрен љубител на спортот и особено на ракометот кој посакува Металург да згасне. И не е важно дали се работи навивачи на Металург, Вардар, Пелистер, Зомимак, Прилеп… Секој вистински ракометен фан посакува зголемување на бројот на силни и професионални клубови, а не уништување и згаснување и на оние малкуте кои ги имаме.
Топката е во рацете на раководството и сопственикот. Ние се надеваме на најдоброто.