Ракометарките на ЖРК Металург во сабота ќе го одиграат реванш натпреварот од 2-то коло во Купот на победниците, против холандскиот Вестфрисланд. Македонскиот претставник оствари минимална победа на гостувањето во Холандија (24-23) што им носи фаворитска улога во реваншот и реални шанси со добра игра да се изборат за пласман во следната рунда.
Тренерот на ЖРК Металург, Александар Петровски на пресот изјави дека иако имаат мала предност, не смејат никако да се опуштат, туку максимално да влезат во натпреварот и со добра игра да дојдат до позитивен резултат, кој ќе ги носи понатаму во 3-то коло од Купот на куповите.
„Имаме млада екипа со која уште лани си зацртавме како цел сезонава да отидеме чекор понапред во КПК. Имаме незгоден противник, но одигравме еден добар натпревар во Холандија и остваривме позитивен резултат. Но, ништо уште не е готово.Имаме добар, но, би рекол и малку незгоден резултат и никако не смееме да се опуштиме. Сега ние сме благ фаворит и се надевма ќе го оправдаме тоа. Мислам дека сите сме свесни и девојките и ние како стручен штаб, што може да добиеме, а што да изгубиме во овој натпревар и верувам дека ќе ја оправдаме довербата“ – ијзави Петровски.
Фото: Филип Вирановски (24ракомет)