Втор меч и втора победа на Вардар во овогодинешното издание во Лигата на шампионите. Во фер и коректен меч, Вардар сепак беше поквалитетен противник и сосема заслужено забележа триумф  со 27-23.

Како што се очекуваше, беше ова тежок натпревар за Вардар, пред се од психолошки аспект. Тоа особено се виде во првото полувреме, кое Вардар иако го започна добро, сепак не можеше уште на почетокот да го скрши отпорот на унгарската екипа. Напротив, токму Пик Сегед беше екипата која, особено во вториот дел од полвремето, ја контролираше играта и резултатот. Во периодот од 14-та до 22-та минута, Вардар не постигна гол, што го искористија Унгарците за резултатски пресврт. Водеа и со 2 разлика, 11-9, но со двата последователни гола на Лука Циндриќ, на полувремето се замина со резултат 11-11.

Во второто полувреме, немаше дилеми за победникот. Од самиот старт, Вардар ја подигна играта, особено во одбраната, оствари предност од 3-4 разлика, кои ги одржуваше до крајот на мечот. Во нападот, Вардар се потпираше пред се на индивидуалните квалитети на своите играчи, и тоа беше сосем доволно на денешниот меч.

Играч на натпреварот беше Арпад Штербик со 15 одбрани. Тој ја одржуваше екипата и кога не и одеше во нападот и несомнено е најзаслужен за триумфот. Во нападот, најдобри беа средните бекови Карачиќ и Циндриќ, а за споменување е и забележителната минутажа на Манасков, кој ги одигра последните 15-тина минути, постугнувајќу 2 гола. Кај противникот, Деан Бомбач постигна 6 гола, но сепак впечатокот е дека беше целосно неутрализиран од вардаровата одбрана.

Со оваа победа, Вардар го дели првото место на табелата во групата Б, заедно со германскиот Рајн-Некар Левен, со по 4 освоени бодови.

Следниот викенд Вардар го игра натпреварот од тртото коло, кога гостува во Шведска, на екипата на Кристијанштад.