Победа на ЖРК Вардар на гостувањето во Копривница. Конечни 27-26 во дуелот со Подравка, за два бода и речиси сигурен пласман во следната рунда натпревари.
Многу потешко од очекувањата вардарки дојдоа до победата. Речиси во текот на целиот меч беа во негатива, за дури во последните 10 минути, да го свртат мечот во своја корист. Исто како и на дуелите со Будуќност и Турингер, лошо го започна Вардар мечот. Доминираше Подравка и во нападот и во одбраната и многу рано во мечот дојде до +5 (8-3). Дури тогаш играчите на Вардар како да се освестија и да влегоа во мечот. Со нешто поцврста игра во одбраната и неколку брзи напади се вратија во мечот и првото полувреме го завршија со два негатива (13-11).
Во второто полувреме гледавме егал натпреавр, во кој ниту една од екипите не успеа да се одлепи. Се до 50-та минута, кога се чини предуди искуството на вардарки, кои успеаа да одиграат најдобро кога беше најпотребно и да ги освојат толку посакуваните 2 бода.
Од овој натпревар ќе се паметат само бодовите. Играта е за заборав. Уште еднаш, трет меч по ред нашите шампионки се мачат, особено во играта во напад. Се, ама буквално се, се сведува на индивидуалните квалитети на двете Андреи, Лекиќ и Пенезиќ. Тие постигнаа половината од вкупниот број голови на Вардар (Лекиќ 7 и Пенезиќ 6) и се најзаслужни за победата на македонскиот шампион. И играта во одбрана не беше ништо посјајна. Мора да се издвои само Ина Суслина со 14 одбрани, од кои неколку зицери во второто полувреме, кога се кршеше резултатот.
Многу работа е пред Индира Кастратовиќ како би се подигнал квалитетот на играта на екипата. Но, долга е сезоната. Формата на девојките може да оди само нагоре. Она што во моментов е важно се двете победи во првите 3 кола од Лигата на Шампионите.
Следниот натпревар во Лигата на Шампионите Вардарки го играат веќе за седум дена со истиот противник, екипата на Подравка, овој пат во Скопје.