Во второто коло од Лигата на шампиони во женска конкуренција, екипата на Вардар гостува кај Хипо, во обид да се освојат првите бодови во групата.

Разочарувачката игра и болниот пораз од Ѓер во првото коло, останува зад Вардарки. Има уште 5 натпревари во ни малку наивната група и екипата не смее да гледа назад. Точно, треба да научи од поразите, но со чиста глава и полна концентрација да продолжи на следните мечеви.

Објективно гледано, Австрискиот шампион е најслабата екипа во групата. Од екипата која во 90-те жареше и палеше по Европа, останати се само спомените. Овој тим на Хипонидеростерајх нема капацитет за големи постигнувања. Особено во вака силна група со Митјеланд, Ѓер и Вардар. Тоа сепак не значи дека тие ќе бидат лесен противник, особено на домашен терен. Во првото коло на гостувањето во Данска, Хипо загуби од Митлејанд со резултат 33-21, иако на полувремето губеше само со 14-11, Најпрецизни кај Австриките беа Ковач со 6 и Будевич со 4 гола, а забележителен настап имаа и Горичанец и Кајзер со по 3 гола.

На гостувањето во Виена, Вардар е апсолутен фаворит. Доколку Вардар ја наметне својата игра, доколку нашите го диктираат темпото, и играат тимски и концентрирано во нападот, а цврсто во одбраната, победата не би требало да биде доведена во прашање. Очекуваме Лекиќ конечно да покаже зошто фановите гледаат во неа лидер на екипата. Таа мора да ги држи конците на екипата во секое време. Во нападот, мора да проработи врската со пивотот, како и да се рашири играта кон крилата, а изнудените удари на бековите да се сведат на минимум. Во одбраната, Вардар треба да покаже поголема доза на агресивност, дури и по цена на некое исклучување плус.

Доколку Вардар сака пласман на Фајнал 4, триумф на овој дуел не смее да биде под знак прашање. Дали ќе биде така, ќе видиме во сабота. Мечот е со почеток во 20:15, со директен пренос на МРТ1.