Убедлива победа на Франција над македонската ракометна репрезентација на подготвителниот турнир во Нант. Конечни 30-20 за Франција, во меч во кој победникот беше решен уште во првото полувреме.
Големата победа Французите ја навестија на самиот почеток. Со серија од 7-0 која започна некаде во 10-та минута, победникот беше решен. За разлика од полуфиналниот дуел со Алжир, овој пат апсолутно ништо не функционираше во играта на македонскиот национален тим. Ако се порадувавме на разновидниот и убоит напад на нашата селекција во претходните мечеви со Израел и Алжир, овој пат не видовме ништо од тоа. Немаше идеја во играта во напад, и тоа искусната и исклучително квалитетна француска селекција, знаеше да го казни. Покрај нападот, не функционираше ни играта во одбрана. Одбраната, која со години е најсилното наше оружје, практично и не постоеше. Впрочем и 18-те примени голови по 30 минути го покажуваат тоа.
Во второто полувреме Франција рутинирано ја одржуваше и зголемуваше предноста за конечни 12 гола разлика.
На време доаѓа овој пораз од француската ракометна репрезентација. На 5 дена пред почетокот на првенството и дуелот со силната репрезентација на Тунис, сеуште има простор за напредок во играта на нашата селекција. И тоа е нормално. Видливо е подигнувањето на формата на нашите репрезентативци, чии зенит треба да се постигне токму за време на првенството во Катар. Веќе утре, недела, македонскиот национален тим заминува во Катар, каде ќе има доволно време да се аклиматизира пред првиот меч со селекцијата на Тунис, кој е на програмата во петок, со почеток во 15:00 часот.