Возот за топ 16 во Лигата на шампиони уште од пред две кола тргна, но ракометарите на Металург на два пати не успеаа да го фатат и качат во него. Особено последниот обид, на мечот во Загреб, каде конечно Металург покажа дека ланската игра не е заборавена, дека се враќаат во формата, форма која со нетрпение ја очекуваат сите љубители на ракометот.
Утре ни доаѓа германскиот шампион, екипата на Кил. Навистина е неблагодарно да се каже дека токму против екипата на Кил, Металург ќе ја има веројатно последната шанса да фати приклучок во борбата за место кое води кон топ 16 во ЛШ. Кил e единствената екипа која минататa сезона замина со победа од Скопје, екипа која воопшто до сега нема загубено од Металург. Секако, за се има првпат. Еднo сме сигурно, утре ќе гледаме борба во СЦ „Борис Трајковски“, борба до последен здив и по која сите посакуваме германците да си заминат со наведнати глави.
Германскиот шампион делумно ќе биде “ослабен“, ќе отсуствуваат четворица стандарни првотимци. По Пасмус Лауге и добро познатиот за нас Филип Јиха кои подолго време се повредени, на листата им се приклучија и голманот Андреас Паличка и еден од најдобрите бекови во светот, воедно и лидерот на Кил, Арон Палмарсон. Но ова не треба многу да не радува, бидејќи Кил во својот состав ги има Дувњак, Кањелас, Вајнхолд и Вујин, играчи на чиј грб ќе падне целата игра на германскиот шампион, играчи кои на утрешниот меч ќе добијат поголема минутажа и можност да покажат колку вредат.
Екипата на Кил не започна најдобро во ЛШ, ја нема истата игра од лани, што е и за очекување заради играчките измени во клубот. За тоа најдобро говорат и поразот од Загреб во првото коло и тешката победа против Мешков Брест во третото коло од ЛШ. Но последните два резултати против Либек и Берлин се доказ дека полека но сигурно се враќаат на победничките патеки и дека Металург ќе има пеколно тешка задача.
Особено поради фактот што, од играчки аспект, ништо посјајно не се случува ни во составот на Металург. Во сите претходни кола, Металург ниту еднаш не настапи во најсилен состав, а прашање е дали тоа ќе се случи и во сабота, знаејќи дека четворица наши ракометари, Наумче Мојсовски, Филип Миркуловски, Владан Липовина и Дејан Манасков се зафатени од стомачен вирус. Се надеваме дека лекарскиот тим на Металург ќе направи се, за да ги приспособи за утрешниот меч.
Клучно за утрешниот меч ќе биде одбраната, предводена од Ацо Јоновски и Велко Марковски, кои потпомогнати од Вуко Борозан не треба да им дозволат на бековите лесни голови. Нападот сеуште закржлавен, никако да започне течната игра на плаво-белите, но последниот натпревар со Загреб ветува враќање на истата. Сите го очекуваме враќањето на Вугринец, неговите голови и неговото големо искуство. Тој одлично функционира и во одбраната и особено во нападот, и тоа не само со останатите бекови, Миркуловски и Атман пред се, туку и со крилото Гоце Георгиевски. Никако не смееме да заборавиме и на Циндриќ, светлата страна на Металург во првите три кола од ЛШ, кој повторно ќе има шанса да покаже дека е одличен играч. Радува и враќањето на формата на Мојсоски, кој се надеваме дека ќе биде во препознатливо светло на претстојниот меч.
Натпреварот ќе се одигра во сабота, во СЦ „Борис Трајковски“ од 21:00 часот.
Судии на натпреварот ќе бидат Питер Хорват и Балаш Мартон од Унгарија.