Со мечот помеѓу Кадетен Шафхаузен и Киелце, утре почнува новата сезона на Лигата на Шампиони во машка конкуренција. Сезона, која се очекува да биде најизедначена и највозбудлива до сега. Како никогаш до сега, безмалку 10 екипи имаат надеж и реални шанси да се пласираат на големиот Фајнал 4 турнир во Келн.


Екипата на МакРакомет, ќе се обиде да ви ги претстави главните фаворити во овогодинешното натпреварување. Четири екипи се истакнуваат како главни кандидати за Фајнал 4 – Кил, Барселона, ПСЖ и Веспрем.

Германскиот шампион Кил има можеби најсилен играчки ростер што го имала една екипа во изминативе неколку години. Играчкиот кадар предводен од Кањелас, Дувњак, Јиха, Палмарсон, Вујин ќе претставува страв и трепет за секоја екипа. Доколку тренерот успее соодветно да ја подели минутажата меѓу сите ѕвезди во тимот, Кил ќе биде главен фаворит за титулата.

Барселона според квалитетот на играчкиот кадар е главен конкурент на германскиот првак. Екипата која е предводена од нашиот репрезентативец Кире Лазаров, и суперѕвездите Карабатиќ, Рутенка, Сигурдсон и Томас, ќе се обиде да го надокнади киксот во полуфиналето против Фленсбург минатата сезона и овој пат да оди до крај. Се друго освен титула е неуспех за Барселона, чија цела сезона е настапот во ЛШ, имајќи го во предвид екстремно нискиот квалитет на шпанската ракометна лига.

Најскапиот тим во Лигата на Шампионите, францускиот ПСЖ, сезонава има јасно дефинирана цел – пласман на Фајнал 4 турнирот. Откако минатата година Хансен, Вори, Копљар и останатите не успеаа во четвртфиналето со Веспрем, годинава, засилени и со Омејер на голот, целта е барем еден дополнителен чекор.

Со екипата на Веспрем се затвара кругот на екипи кои се изразени фаворити за пласман на Фајнал 4 турнирот. Екипата која македонската публика веќе имаше можност да ја гледа во дуелите од СЕХА лигата против Вардар и Металург, игра на високо ниво и со високо темпо во текот на сите 60 минути. Веспрем и минатата година стигна до Фајнал 4 турнирот, па годинава се погласно најавуваат не само повторување на ланскиот успех, туку и борба за шампионскиот пехар.

Но листата на потенцијални учесници во полуфиналето не застанува тука. По наша слободна проценка, уште најмалку 5-6 екипи од сенка ќе се обидат да стигнат до завршниот турнир. Пред се, полскиот шампион Киелце, предводен од Талант Душабеаев, Рајн-Некар Ловен со феноменалниот Ландин на голот, актуелниот европски првак Фленсбург, втората унгарска екипа Пик Сегед. Тука некаде ги сместуваме и двата македонски претставници Металург и Вардар. Дали е оваа наша претпоставка повеќе навивачка или навистина реално е за очекување годинава да имаме најголем успех на екипен план, останува да видиме.

Едно е сигурно. Сезоната е долга. Стручњаците често кажуваат, на почетокот на сезоната секој може да победи секого, но само најдобрите успеваат да дојдат до завршниот турнир. Темпото на долгата сезона го издржуваат само најдобрите. Од друга страна, ракометот е специфична игра во која фаворитите, не победуваат секогаш. И тоа најдобро го покажаа Хамбург и Фленсбург во минатите две сезони, кои од втор план дојдоа до шампионскиот пехар.

Наше е да уживаме во ракометот следните 9 месеци и со полно срце да ги бодриме македонските екипи.
Со среќа!!!