Во рамките на 4-тото коло од завршницата на македонското првенство, денес се сретнуваат екипите на РК Вардар и РК Металург. Екипата на РК Вардар, на домашен терен ја пречекува екипата на РК Металург. Натпреварот започнува во 17 часот (со пренос на МРТ), а ќе се одигра во спортскиот центар Јане Сандански. Ова е прва меѓусебна пресметка на овие две екипи во македонскотго првенство.

Тренерот на РК Металург, Лино Червар за „Нова Македонија“ изјави:

„По сите случувања што го зафатија Металург, јасно е дека фаворитската улога во нашиот денешен дуел е на страната на Вардар. Имаме млад и не толку искусен тим, кој го сочинуваат доста борбени и цврсти ракометари, желни за игра и за предизвици. Вардар сезонава има исклучително силен и квалитетен состав, кој малку недостигаше да се пласира во фајнал-форот во Лигата на шампионите, па јасно е каков ќе биде односот на силите. Дуелите со Вардар секогаш биле предизвик и мотив за борба и за надигрување, па така и овој. Влегуваме растоварени од притисокот за резултат, па се надевам дека тоа ќе биде доволен мотив мојот млад тим да одигра и да покаже дека има потенцијал и квалитет“

Матјаж Брумен, десното крило на РК Вардар изјави: „Точно е дека сме големи фаворити во дуелот со подмладениот Металург, но сепак треба сериозно да го сфатиме овој меч, за да оствариме нова сигурна првенствена победа, а истовремено таа да биде изразена во што поголема разлика, за во реваншот во Автокоманда да немаме проблеми при евентуален пораз. Мораме уште од првата минута да заиграме максимално силно и борбено. Голем оптимист сум пред денешниот меч“