Прва победа и два бода за ЖРК Вардар во овогодинешните натпревари во Лигата на шампионите. Конечни 26-21 против екипата на Турингер, во меч во кој пресудија 2 работи: повисокиот квалиотет на ЖРК Вардар и кратката клупа на гостинската екипа.

Германките во Скопје допатуваа со само седум играчи во поле и 2 голмани и тренерот Кастратовиќ тоа умешно го искористи. Успешно ги ротираше играчите кои ги имаше на располагање и полека го кршеше отпорот на сосем солидната екипа на турингер.

Вардар, особено во второто полувреме, покажа дека од овој тим допрва треба да го очекуваме она вистинското. Според желбите на Кастратовиќ, се одигра цврсто во одбраната, на чело со неверојатната Ина Суслина. Суслина имаше неповторлива вечер со неверојатни 27 (со букви: дваесет и седум!!!) одбрани. И при таква партија на голманот, пораз на Вардар не беше можен.

Во нападот, уште еднаш најдобра беше Андреа Пенезиќ, но објективно гледано, овој дел од играта на Вардарки повторно беше послабата страна. Втор натпревар по ред, немаше „течност“ во играта на нашиот шампион. Играта малку се подобри во второто полувреме, кога во игра беше најдобрата бековска линија – Пенезиќ, Лекиќ, Лазовиќ.
Крилата и пикерот беа послабата страна. Крилата промашија неколку отворени шутеви, а пикерот беше целосно отсечен во текот на целиот меч. Уште на стартот на сезоната видливо е отсуството на Ана Ѓокиќ, и ќе треба многу да се работи на овој дел од играта. Најдобри стрелци Пенезиќ со 8 и Лекиќ со 6 гола.

Како и да е, два бода се запишани. Се надеваме дека ова е почеток на долга победничка серија на ЖРК Вардар. На секој познавач на ракометот му е јасно дека оваа екипа на Вардар го поседува неопходниот квалитет сезонава да се оди далеку, дури до самиот крај.