Пеколен старт за македонската ракометна репрезентација на СП во Катар. Денес, со почеток од 15:00 часот, Македонија ги стартува настапите на светскиот шампионат против селекцијата на Тунис.
Ова не е прв пат Македонија да го отвори шампионатот против оваа селекција. На СП во Хрватска 1999-та, во меч од првото коло, Тунис ни нанесе пораз 24-25. А во меѓувреме, Тунис дополнително напредна.
Тоа е репрезентација која која игра добар, брз ракомет во напад, и исклучително снажно, на моменти и груби во одбраната. И не само тоа, Тунис има квалитет. Моменталниот африкански вицепрвак, е една од оние репрезентации кои се потенцијални изненадувања на првенството. На првенствово доаѓа со репрезентативци кои играат во Европа, повеќето во силната француска лига – дури 8 (тројца во Нант, тројца во Трембле и по еден во Монпелје и Данкерк). Кога на овие ќе се додаде и огромниот светски талент Жалу, кој игра за моќната Барселона, станува јасно дека се работи за сериозен противник.
Тоа го почуствуваа и неколку европски селекции кои беа немоќни пред афричката селекција. Тунис во изминативе две недели беше подобар од Белорусија, Швајцарија, Русија. Овие резултати како да им дадоа дополнителна сила на тунижаните, кои сега отворено зборуваат за висок пласман во групата, па и на шампионатот.
Тунис е генерално млада репрезентација, и на вака големи натпреварувања тоа може да биде меч со две острици. Младоста знае да даде дополнителна енергија, но ракометот е еден од оние спортови каде искуството најчесто игра пресудна улога. Затоа, колку и да е сериозен противникот, македонската репрезентација е фаворит на овој меч.
Јасно е дека не очекува тежок натпревар, на кој сепак очекуваме победа, која ќе им даде крила на ракометарите пред следните мечеви. Нема да набројуваме кои играчи треба да ја понесат селекцијата. Ако сакаме успех, и на овој, и на сите наредни мечеви сите 16 играчи кои ќе настапат треба да дадат максимален придонес во играта.
Мечот е со директен пренос на МРТ, со почеток во 15:00 часот.
Со среќа!