Со натпреварот помеѓу екипите на РК Металург и РК Работнички, се комплетира второто коло од ВИП машката Супер лига. Коло за кое мора да се напомене дека екипата на РК Радовиш приреди изнанадување, совладувајќи го Вардар Јуниор, кој многумина го сметаа за фаворит на тој натпревар.
Во пресрет преглед на колото за секој натпревар поединечно:

  • ГРК Борец – РК Прилеп

Во Велес изминатиов викенд се одигра натпреварот од второто суперлигашко коло во кое се сретнаа екипите на ГРК Борец и РК Прилеп. Оваа средба им припадна на домашните ракометари, извојувајќи победа над екипата на Прилеп со резултат 25:20 (10:8). Во текот на целото прво полувреме, домашната екипа имаше константно водство од +2 или +3 голови, а резултатот на полувремето беше 10:8. На почетокот на второто полувреме дојде до изедначување на резултатот 11:11, но многу кратко бидејќи екипата на ГРК Борец успеа повторно резултатски да се одлепи и да дојде до водство 19:15 и 25:19. Крајниот резултат на овој натпревар е 25:20. Најефикасни на овој натпревар беа, Стојановиќ, Лазаревски и Игнов со по 5 постигнати голови, а од екипата на РК Прилеп се истакна Шаренац со 6 голови.

  • РК Металург 2 – РК Охрид 2013

Екипата на РК Охрид убедливо ја совлада младата и неискусна екипа на РК Металург 2, со резултат 20:29. На почетокот на натпреварот се играше гол за гол, се до последните неколку минути од првото полувреме кога екипата на РК Охрид успеа резултатски да се одлепи, имајќи водство од +4, 9:13, се до крајот на првото полувреме. (10:14). Во второто полувреме, екипата на Охрид на самиот почеток го зголеми своето водство на +6, а потоа и на +10 (18:28). Крајниот резултат на оваа средба е 20:29. Најефикасни во составот на Металург 2 беа Реџиќ Јован и Танкоски Марио со по 4 постигнати погодоци, додека од екипата на Охрид најефикасни беа Караиванов, Павловиќ и Вражалица со по 6 погодоци.

  • РК Радовиш – РК Вардар Јуниор

РК Вардар Јуниор го претрпе и вториот пораз во оваа нова натпреварувачка сезона, овој пат од екипата на РК Радовиш. Домашната екипа ја отвори оваа средба постигнувајќи го својот прв погодок за минимално водство од 1:0. Сето тоа кратко траеше бидејќи и Вардар Јуниор врати постигнувајќи гол, 1:1. Во првите неколку минути од натпреварот се играше гол за гол, се додека екипата на Вардар Јуниор не направи серија од неколку голови и успеа да се одлепи на +4, 3:7. Ова водство екипата на Вардар Јуниор успеа да го исконтролира само неколку минути, бидејќи екипата на Радовиш врати со исто темпо, изедначувајќи го резултатот на 9:9, а потоа и успеа да поведат со 10:9. До крајот на првото полувреме и двете екипи постигнаа по 3 погодоци. Резултат на полувреме 13:13. По одморот, следуваше едно изедначено полувреме, при што беше проследено од неколку мини-серии и на двете екипи. Во последните минути од натпреварот, екипата на Радовиш имаше водство од +3, 24:21, а екипата на Вардар Јуниор успеа да постигне 2 гола и со тоа да го ублажи поразот на -1, 24:23. Најпрецизни на оваа средба беа Ордев од РК Радовиш со 9 голови, а од екипата на Вардар Јуниор, Владо Недановски со 5 голови.

  • РК Металург – РК Работнички

Со натпреварот РК Металург – РК Работнички се заокружи второто коло од овогодинешната ВИП машка Супер лига. Иако сите очекуваа еден тежок и неизвесен меч, сепак екипата на РК Металург лесно се справи со тимот на РК Работнички. Гостинската екипа прва го отвори резултатот поведувајќи со 0:1. Потоа следеше една неверојатна серија на домашната екипа од 7:0, при што резултатот на семафорот беше 7:1. Екипата на Работнички својот втор гол успеа да го постигне дури во 21-та минута, а до крајот на првото полувреме успеа да даде само 3 гола. Резултатот на крајот на првото полувреме беше 10:5. Вториот дел исто така помина во доминација на домаќините, при што во еден момент разликата достигна до +10, 19:9. Полувреме во кое Червар експериментираше со сите свои играчи, при што натпреварот заврши со конечни 25:18. Најпрецизни во составот на Металург беа Божовиќ и Костески со 6 погодоци, а од екипата на Работнички, Василевски постигна 5 погодоци.

Фото: РК Радовиш (ФБ)