Изминатиов викенд се одиграа натпреварите од осмото коло од домашната ВИП Супер лига. Иако не се очекуваа некои изненадувања, сепак екипата на Вардар Јуниор успеа да ја изненади екипата на Работнички, нанесувајќи и го вториот пораз во досегашниот дел од натпреварувањето,по оној од Металург. Се поодличната екипа на РК Охрид немаше големи проблеми во совладувањето на РК Тинекс Пролет, а пак младата екипа на РК Металург 2 како предодредена да ги губи натпреварите во последните неколку минути, така и во овој против Пелистер, не издржа до крај, па на самиот крај победата на РК Пелистер стана убедлива.
Следува детален преглед на натпреварите од осмото коло од ВИП Супер лига.
- ГРК Борец – РК Радовиш
Во Велес, во спортската сала ,,Гемиџии“ се одигра натпреварот од осмото коло од ВИП машката Супер лига, во кој се сретнаа екипите на Борец и Радовиш. На самиот почеток имаше рамноправна борба, изедначен резултат се до моментот кога гостинската екипа направи серија од 3 голови и поведе 6:9. До крајот на првото полувреме гостинската екипа успеваше да го контролира резултатот, при што беше во константно водство од 3-4 голови. Двете екипи на одмор заминаа при резултат 14:18. Второто полувреме го отворија домаќините со серија од 2 гола и со тоа го намалија водството на радовишани на само 2 гола разлика, 16:18. Сепак, ракометарите на Борец не успеаа да направат пресврт па така во преостанатите минути од второто полувреме, водството на РК Радовиш се зголемуваше и повторно дојде на +5, а потоа и до +8 на самиот крај. Крајниот резултат на овој натпревар е 25:32.
– Најефикасни на оваа средба беа Стојановски и Петровски од екипата на Борец со по 5 голови, а од екипата на Радовиш, Илиев со 12 голови.
- РК Вардар Јуниор- РК Работнички
На овој натпревар од осмото коло, се случи вистинско изненадување. Иако сите очекуваа дека екипата на Работнички лесно ќе се справи со екипата на Вардар Јуниор, се случи токму спротивното. Екипата на Вардар Јуниор на домашен терен успеа да му го нанесе вториот пораз на Работнички после оној од Металург. Избраниците на Пепи Манасков одлично го отворија овој натпревар, постигнувајќи 3 голови во низа, за почетно водство од 3:0. Потребни беа неколку минути за гостинската екипа да го постигне својот прв гол. Водството на Вардар Јуниор се зголемуваше и во еден момент дојде до 5:1, но ракометарите на Работнички брзо се соземаа и на оваа серија на вардарци, тие вратија па резултатски се доближија на само два негатива, 6:4, а потоа набрзо следуваше и изедначување на резултатот 7:7. По третото изедначување, на 10:10, ракометарите на Вардар Јуниор со одлична игра успеаа да направат нова серија од 3 голови за 13:10, а екипата на Работнички до крајот на првото полувреме додаде уште еден гол за конечни 13:11 за крај на првото полувреме. Ова прво полувреме навестуваше дека следува одличен и неизвесен натпревар и токму тоа се случи. Во второто полувреме имаше една одлична игра од страна на двете екипи. Вардарци на почетокот на второто полувреме ја одржуваа предноста од 2 гола, но се до моментот кога екипата на Работнички успеа да го изедначи резултатот 17:17, 18:18. По ова изедначување, Работнички дојде и до своето прво водство на овој натпревар 18:19, а потоа 21:23. Сепак со концентрација во одбраната и нападот, ракометарите на Вардар Јуниор успеаа со серија од 3 голови да го свртат резултатот и на крајот заслужено да слават минимална победа над Работнички, 26:25.
– Како најдобри поединци на оваа средба се истакнаа од домашната екипа, Бобан Андовски кој постигна 7 голови и од екипата на Работнички Вања Илиќ и Милан Левов кои постигнаа по 6 голови.
- РК Металург 2 – РК Пелистер
На овој натпревар помеѓу екипите на РК Металург 2 и РК Пелистер, гостинската екипа беше поусшпешна. Совладана беше младата екипа на Металург 2, која пак во последните неколку натпревари е како предодредена да ги губи натпреварите во последните минути од натпреварот. На овој натпревар, Пелистер имаше почетно водство од 0:2, но Металург 2, направи серија од 3 голови, со што го сврте резултатот во своја полза и дојде до водство од 3:2. До крајот на првото полувреме, резултатот беше тесен, имаше многу изедначувања на семафорот, но ракометарите на Пелистер успеаа со постигнување на 3 голови во низа да дојдат до водство на полувремето 11:13. Во второто полувреме, гостите успеаа да го одржуваат резултатот во своја корист од 3 до 4 голови, но на крајот успеаа да го зголемат на +6 за конечни 20:26.
-Најефикасни на оваа средба беа Димитриоски од РК Металург 2 со 8 постигнати погодици и Чачич од РК Пелистер со 11 постигнати погодоци.
- РК Тинекс Пролет – РК Охрид
На последниот натпревар од осмото коло од ВИП машката Супер лига, во кој РК Тинекс Пролет ја пречека екипата на РК Охрид, поуспешна беше гостинската екипа совладувајќи го домаќинот со 20:24. Почетното водство на овој натпревар го имаше РК Охрид, поведувајќи со 0:2, а потоа и 1:3. Во текот на првите 30 минути, гостинската екипа имаше константно водство од 2 до 3 голови, 8:10, 9:11, за на крајот и двете екипи заминат на одмор при резултат 9:13. Целото второ полувреме помина во доминација на РК Охрид, тие го одржуваа своето водство и успеаа да го задржат до самиот крај, за конечни 20:24.
– Најефикасни на овој натпревар беа Трајковски и Андоновски од Тинекс Пролет со по 7 постигнати голови и Павловиќ и Хогас со по 5 постигнати голови.
- РК Прилеп – РК Металург
На овој натпревар, на кој домаќин беше екипата на Прилеп, победата успеа да ја однесе гостинската екипа, екипата на Металург. Во текот на целото прво полувреме екипата на Металург беше во константно водство, освен во воведните минути кога дојде до изедначување на резултатот, 3:3. Како одминуваа првите 30 минути, водството на Металург се зголемуваше и дојде до +8, 10:18. Резултатот на крајот на првото полувреме беше високи 11:19 за гостинската екипа. На почетокот на второто полувреме, екипата на Прилеп успеа да ја преполови разликата и резултатски да се доближи на само 3 гола негатива, 17:20, 21:24. Во последните неколку минути, ракометарите на Металург успеаа со серија од неколку голови да ја зголемат разликата на +6. Крајниот резултат на оваа средба е 27:32.
– Најефикасни на овој натпревар беа Шаренац со 6 голови од домашната екипа, а од екипата на Металург, Костески со 7 голови.