Со натпреварот помеѓу РК Охрид и РК Пелистер се заокружи 5-тото коло од машката ВИП Супер лига. РК Прилеп продолжува со извонредната игра поразувајќи го убедливо РК Вардар Јуниор на гостински терен. Одличен натпревар се одигра и во Охрид, помеѓу екипите на РК Охрид и РК Пелистер, во кој домаќините минимално ја победија екипата на Пелистер. Во ова 5-то коло убедливи победи забележија и екипите на РК тинекс Пролет и РК Работнички. Совладани беа еките  на РК Металург 2 и ГРК Борец.

Следи преглед на секој  натпревар поединечно од ова 5-то коло од ВИП машката Супер лига.

1.  РК Работнички – ГРК Борец Борец 27:22 (13:11)

На овој прв натпревар од 5-тото коло, екипата на Работнички одлично се држеше во првото полувреме и неколку пати беше во водство за на крајот од првото полувреме да замине на пауза со 13-11. ГРК Борец беше добар противник се до последните 10-тина минути кога РК Работнички успеа резултатски  да се одлепи на +4 со головите на Илиќ и Мојсовски, за на крајот дуелот да заврши со конечните 27-22. Крилата на РК Работнички беа дефинитивно најдобрите поединци во овој меч, Мојсовски со 9 односно Илиќ со 12 голови беа главни инспиратори на новата победа на домашниот терен.

2. РК Охрид 22-21 РК Пелистер 22:21 (9:7)

Како што и се очекуваше, ова беше натпревар со малку голови. Уште од самиот старт голманите на двата тима ни го покажаа тоа со неколкуте интервенции во низи, Охрид беше во постојана позитива, сепак гостите успеваа неколку пати да израмнат и да ја вратат неизвесноста во дуелот.  Првото полувреме заврши со 9-7 за РК Охрид. Во второто полувреме РК Охрид на моменти имаше дури 3 гола предност, но РК Пелистер со неколку серии се враќаше во игра. На крајот РК Охрид го доби натпреварот со конечни 22-21, во кој голема улога имаше огромната поддршка од публиката. Најдобри стрелци во екипата на Охрид беа Караиванов со 8 и Павловиќ со 6 голови. Исто така мора да се спомнат и 13-те одбрани на голманот Колев кој е во извонредна форма. Кај Пелистер одново главни носители на играта беа Дрогришки и Чачиќ кои постигнаа по 6 голови, а додека голманот Арсиќ имаше 11 одбрани.

3. РК Вардар Јуниор – РК Прилеп 24:32 (16:18)

На овој натпревар, прилепчани беа убедливо подобри од домаќинот Вардар Јуниор. Иако по истекот на првите 30 минути се чинеше дека ова ќе биде еден неизвесен и тежок натпревар, сепак РК Прилеп со одличен напад и цврста одбрана успеа да ја совлада оваа екипа.  Желбата на ракометарите на Вардар Јуниор да се вратат во натпреварот беше голема, но сето тоа им донесе пад на концентрацијата и правење на многу технички грешки. Сето тоа гостите добро го искористија и успеаа да го зголемат своето водство. Краен резултат на оваа средба беше 24:32. Најпрецизни на овој натпревар беа Чурлевски и Јовчевски со 5 погодоци од Вардар Јуниор, а од победничката екипа Турченко со 9 погодоци.

4. РК Тинекс Пролет – РК Металург 2 32:17 (15:7)

Уште на самиот почеток на овој натпревар,  ракометарите на Пролет наметнаа силно темпо, па со серија од неколку погодоци и цврста игра во одбрана успеаа резултатски да се одлепат и притоа да го остават противникот на само 1 гол, 7:1. Второто полувреме помина во ист ритам како и првото, младите ракометари на Металург 2 влегуваа од грешка во грешка, а искусниот тим на Пролет знаеше сето тоа да го искористи. Најефикасни на овој натпревар беа Трајковски со 9 голови, а од екипата на Металург 2 се истакна Димитриоски со 4 голови.

Натпреварот помеѓу РК Металург и РК Радовиш од ова 5-то коло, како и натпреварот од 3-тото коло РК Металург – РК Охрид ќе се одиграат во текот на наредната недела.

По ова 5-то коло, на врвот на табелата се наоѓа РК Прилеп, додека втор е РК Металург, но со два натпревари помалку.