Изминатиов викенд се одиграа натпреварите од 6-тото коло од ВИП Супер лигата. Изненадувачки уште на првиот натпревар, екипата на Вардар Јуниор успеа да слави над екипата на Тинекс Пролет, на гостински терен, додека пак РК Работнички со победа се врати од Прилеп. Мошне интересен дуел имаше во Автокоманда, во кој младите ракометари на Металург 2, не успеаа да дојдат до својата прва победа, иако вистински и достојно му се спротивставија на тимот на Радовиш.
Во пресрет на ова 6-то коло од ВИП Супер лигата, следува преглед на секој натпревар поединечно.
1) РК Тинекс Пролет – РК Вардар Јуниор
Овој прв натпревар од новото коло беше вистинско изненадување. Ракометарите на Пепи Манасков успеаа да ја совладаат екипата на Темелковски на гостински терен, 25:29. Воведните минути од натпреварот му припаднаа на домаќинот, имајќи водство од +3 голови. Вардар Јуниор во продолжението од натпреварот успеа да направи тотален пресврт и да дојде до водство. Со максимална концентрација во одбраната и нападот, тие успеаа да го задржат водството и да слават на крајот.
– Најпрецизни на овој натпревар беа: Андоновски од Тинекс Пролет со 9 голови, а кај Вардар Јуниор Чурлевски со 7 голови.
2) РК Металург 2 – РК Радовиш
Во Автокоманда се одигра еден вистински неизвесен и чуден натпревар, во кој малку фалеше младите ракометари на Металург 2 да дојдат до својата прва победа во домашното првенство. Иако резултатот на полувреме беше 11:17, сепак во второто полувреме како да гледавме сосема друга екипа на теренот. Металург 2 прикажа одлична игра, а со тоа успеа да ја намали негативата, при што во последните минути од натпреварот успеа и да дојде во водство 28:26. Сепак неискуството и преголемата желба пресудија, младите ракометари не успеаа да слават на овој натпревар. РК Радовиш славеше со 31:33.
-Најефикасни на овој натпревар беа Димитриоски од Металург 2 со 7 голови и Илиев од Радовиш со исто така 7 голови.
3) РК Прилеп – РК Работнички
Во натпреварот кој го доби епитетот “дерби натпревар“ – победата ја однесе екипата на Работнички, совладувајќи го домаќинот со 24:26. На почетокот на натпреварот гостинската екипа дојде до прво водство 1:3, но домаќинот брзо врати, па следеше една серија од изедначувања на резултатот. До крајот на првото полувреме, РК Прилеп имаше водство од 11:7, но не успеа да го задржи, па повторно имаше изедначување на резултатот 11:11. Сепак, домаќините успеаа со +3 да заминат на одмор. Во воведните минути од второто полувреме, РК Прилеп го одржуваше водството, се до моментот кога Работнички успеа да изедначи 17:17, па од тука и да го преземе водството 18:21. Сето тоа не траеше долго, РК Прилеп врати со нова серија, 23:23. Сепак на крајот,победата и припадна на екипата на Работнички. Краен резултат 24:26.
– Најпрецизни беа Шаренац и Петковски од РК Прилеп со по 5 голови и Илиќ од Работнички со 9 голови.
4) ГРК Борец – РК Охрид
Екипата на РК Охрид дојде до нова победа, славејќи среде Велес. Совладана беше екипата на Борец 21:25 (11:11). Во првото полувреме имаше изедначена борба, со неколку изедначувања на семафорот. Иако Борец имаше мала предност низ текот на целото прво полувреме, 10:7, сепак РК Охрид успеа да изедначи на 11:11. Второто полувреме помина во доминација на РК Охрид, имајќи константно водство во текот на целото второ полувреме. Тоа водство го одржуваа до самиот крај. На крајот славеа со +4, 21:25.
– Најефикасни беа Игнов од Борец со 5 голови и Павловиќ од РК Охрид со 7 голови.
Натпреварите на РК Металург се одложени заради учеството во Лигата на шампионите.