Ракометарите на Вардар денеска од 17:00 часот против Чеховски Медведи ќе го одиграат последниот натпревар во овој дел од сезоната во Лигата на шампионите. Во пресрет на денешниот натпревар еве што изјави Немања Прибак:

“Наша основна цел ни е да завршиме на второто место и полека одиме во нејзино исполнување. Очекувам дека овој дуел со Чеховски Медведи ќе биде многу поинаков во однос на оној во Скопје. Овој пат дуелот ќе биде многу поквалитетен пред се поради подобрата игра на противникот, кој игра на домашен терен. Ние имаме сериозни проблеми со неколку повредени играчи и поради тоа очекувам дека ќе одиграме еден многу тежок натпревар. Одиме на победа, но ќе биде тешко и сигурно ако победиме тоа нема да биде голема разлика како во првиот меч” – изјави Немања Прибак.

Иако во првиот натпревар Вардар беа убедливи, противникот не смее да се потцени. Најбитно е да се освојат двата бода и да се заврши сезоната со победа, како и што доликува на една екипа како што е Вардар.

“Добро го анализиравме противникот и сите мечеви што ги следевме на ниту еден натпревар немаат лесно загубено. Чеховски Медведи играат добар ракомет, но сепак не успеваат да победат. Точно е дека имаат проблем во ротација на играчите пред се поради малиот фонд на квалитетни ракометари. Објективно имаат шест-седум играчи кои ги играат сите шеесет минути, а се соочуваат и со проблем на голманската позиција. И покрај се тие се сериозен противник и во секој случај ќе ни биде тешко” – заврши Прибак.