Македонската јуниорска репрезентација денес го започнува квалификацискиот турнир за пласман на светското првенство во Бразил. Прв противник е репрезентацијата на Чешка.

Чешката репрезентација само на хартија важи за нешто послаба од останатите два противника. Во модерниот ракомет, и особено во младинските категории, најчесто и не постојат изразени фаворити. Тоа се потврдува и ако се погледнат дел од резултатите на оваа генерација во изминатиот период. Чешката репрезентација не учествуваше на ланското ЕП, бидејќи се најде во група со секогаш силната Данска, од која загуби минимално со 31-28. На тој квалификациски турнир забележа и катастрофален пораз од Словачка од 22-35 (за потсетување од истата словачка репрезентација загубија и нашите јуниори на последното ЕП). Она што треба да делува како опомена е третиот меч на тој турнир, на кој Чесите го совладаа вториот противник во оваа квалификациска група, репрезентацијата на Полска (22-21). Резултати кои покажуваат дека оваа репрезентација можеби не е константна (што е нормално во оваа возрасна категорија), но дека е репрезентација со одреден квалитет кој може да ги замрси сметките на останатите тимови.

За престојните квалификации, Чешка се подготвуваше сериозно, и патува со намера да направи изненадување на турнирот. „За време на подготовките направивме се што испланиравме. Верувам дека добро се подготвивме за противниците, фокусирајќи се пред се на нашата игра во нападот“ – изјави тренерот на Чешката репрезентација Петр Бабак.

А токму во играта на нападот Чесите се најослабени. Нивниот најдобар играч и извонреден шутер, Касал, е прекомандуван во сениорскиот тим, и надополнување на неговото отсуство ќе е најголем предизвик за селекторот. Дополнително, предност за македонскиот национален тим е тоа што, според изјава на водството на чешката репрезентација, ние сме целосна непознаница за нив. Но на овие квалификации никој не патува со однапред кренато бело знаме. „Секогаш имаме највисоки цели, но прашање е како се тоа ќе заврши. Секако, ние сакаме да победиме на секој натпревар, но не смееме да се залажуваме. Имаме навистина силни противници и секој одигран натпревар ќе претставува големо искуство за нас, независно од крајниот исход“, изјави чешкиот селектор Бабак.

Македонија на овој меч може и мора да победи. Напредокот на оваа генерација играчи во однос на минатогодишното Европско првенство е видлив. Сезонава апсолутно сите играат значајни улоги во своите тимови во Супер лигата и во првата лига, и тоа мора да се покаже на терен. Дополнително, во репрезентацијата ги имаме вонсериските таленти Талески и Манасков, секогаш борбениот Маџовски, се подобриот Дрогришки. Клучот на успехот е во трпеливата игра во напад, односно техничките грешки да се сведат на минимум. Токму на тој дел од играта, посебно внимание посвети селекторот Неделковски во подготвителниот период. „Работевме на колективна и цврста игра во одбраната и на трпеливо изграден напад, бидејќи само со смирена и цврста игра можеме да им парираме на квалитетните противнички селекции“ – изјави Неделковски пред поаѓањето за Полска. Доколку нашата репрезентација успее во тоа, и не му дозволиме на противникот да постигнува лесни голови од контранапад и од брза транзиција, македонската селекција ќе биде блиску до прв триумф на овој квалификациски турнир, со што ќе ги зголеми шансите за пласман на СП.

Мечот е со почеток во 16:00 часот, во полскиот град Островиец.