Со очекуван пораз од ПСЖ, Металург се враќа од гостувањето во Париз. Во натпревар без ни малку неизвесност, Французите ја покажаа својата висока класа и убедливо триумфираа со 35-24.

Тешко е било што да се анализира после ваков натпревар. Металург на овој меч не беше дораснат противник, и беше далеку од било какво изненадување. При ваков резултат, ќе се осврнеме на позитивните работи во тимот на Металург.

Во прв план одличната игра на Никола Марковски, кој со 6 погодоци беше најдобар поединец кај македонскиот првак. Особено радува тоа што играше и во напад и во одбрана, и целосно ја оправда добиената минутажа. Покрај играта на Марковски, мора да се одбележи и значајната минутажа која ја добија Марко Неловски и Мартин Манасков, кои истата ја оправдаа со вкупно три постигнати голови (2 за Манасков и 1 за Неловски). Во одбраната уште еднаш одлично одигра Неловски, како истурен играч во одбраната 5-1.

Реално, со ваков тим, со вакви односи во клубот и незавидна финансиска ситуација, Металург немаше што друго да очекува освен висок пораз. И пред мечот се знаеше дека позитивен резултат би претставувало вистинска сензација, до која сепак не дојде. Сега македонскиот првак треба да се фокусира на мечот со Брест Мешков во Скопје наредниот викенд, каде Металург мора да оди на победа. А потоа, конечно треба да се разреши ситуацијата во Металург. Денешниот меч, како и неколку претходни натпревари покажаа дека во Металург има штоф меѓу младинците и заедно со неколку сегашни млади првотимци, со сериозна и напорна работа, може да се направи нов костур од 10-12 играчи. И тие, за 2-3 години, надополнети со 3-4 засилувања ќе може да го вратат клубот во европската елита.

Дали ќе се оди во тој правец или ќе дојде до она што никој не го посакува (целосно згаснување на клубот), останува да видиме. Но тоа ќе се случува во зимската пауза. А до тогаш, Металург го очекува уште еден меч во Лигата на Шампионите, на кој очекуваме победа.