Денес нашата женска репрезентација од 17:45 часот го игра последниот натпревар од претквалификациите за бараж за СП 2015 во Данска, против добро познатиот наш противник, репрезентацијата на Исланд.
Последен натпревар со кој нашите ракометарки ќе ги затворат лошите квалификации, натпревар во кој е јасна е разликата во квалитетот и односнот на силите ако и двете репрезентации играат во полн капацитет, но сепак постои оптимизмот и надежта дека денеска нашите ракометарки и покрај аутсајдерската улога, ќе се обидат да стигнат барем до бод во овие квалификации.
Македонија има 12 порази едноподруго на меѓународните натпревари и нема победа уште од 3 јуни 2012 година, кога во квалификациите за ЕП во Србија ја совлада Турција.
За денешниот меч со Исланд, в.д. селекторот Благојче Весиќ направи неколку промени во однос на составот од првиот меч. На голманската позиција отпадна Драгана Петковска, а покрај Наташа Антиќ шанса доби Ивана Зафирова. Составот од 14 ракометарки кој истрча на Исланд сега е дополнет и со средниот бек Симона Стојановска и пикерот Марија Николиќ.
Натпреварот ќе се одигра во СРЦ „Кале“, чии врати ќе бидат отворени за сите љубители на ракометот, со одлука на РФМ за бесплатен влез на овој натпревар.