По три порази на нашите екипи во Лигата на шампиони во минатото коло, викендов не очекуваат нови возбудувања. Три нови настапи, на кои ракометните фанови очекуваат три триумфи за враќање на победничките патеки.
Прв настапува македонскиот шампион, РК Вардар. Во сабота, со почеток во 17:30, во СЦ Јане Сандански, Вардар е домаќин на извонредниот полски тим, Киелце. Меч кој ќе биде во фокусот не само на сите љубители на ракометот во Македонија, туку и низ Eвропа. И тоа од неколку причини.
Прво, тоа е еден од оние дуели кои директно ќе решаваат за пласманот во групата Б, имајќи во предвид дека и Киелце и Вардар, заедно со Барселона, се најголеми фаворити за освојување на првото место во групата. Дополнителен мотив за Вардар е одмазда за елиминацијата во четврт-финалето во ЛШ минатата сезона. Мечот уште еднаш ќе го обележи дуелот меѓу двајцата поранешни тренери на Атлетико Мадрид, Талант Душебаев и неговиот тогашен помошник, Раул Гонзалес. Од друга страна, тука е и дуелот помеѓу Талант и неговиот син Алекс Душебаев. И двете екипи нема да настапат во најсилните состави, и тоа дополнително ја зголемува неизвесноста на овој меч. Киелце ќе настапи без Зорман (заради црвен картон) и без Лиевски (повреда на бутниот мускил). Кај домаќинот, сосем сигурно во ростерот ќе ги нема Деревен и Стоилов, па Горбок и Тоскиќ ќе треба да го износат товарот на своите позиции. Очекуваме победа на Вардар, за враќање на победничките патеки пред тринеделната паузата во ЛШ и двомечот со Барселона.
Истиот ден, во сабота, но со почеток од 20:10, втор настап во овогодинешната Лига на шампиони ќе има екипата на ЖРК Вардар. По поразот на домашен терен од Ѓер во првото коло, вардарки се апсолутни фаворити на гостувањето во Австрија, против екипата на Хипо. Некогашниот ракометен џин, денес не е ни сенка од екипата која жареше и палеше низ европа во 90-те години. Хипо во првото коло загуби од Митјеланд со убедливи 12 голови разлика, и на домашен терен токму против Вардар ќе се обиде да забележи победа и да остане во игра за добар пласман во групата. Токму притисокот за триумф кај двете екипи го прави овој дуел интересен, и покрај тоа што играчки, Вардар е апсолутен фаворит. Очекуваме многу подобра игра и освојување на првите 2 бода во ЛШ.
Ракометниот викенд го затвара екипата на Металург во недела. По двата незгодни порази од само гол разлика од Скјерн и Баја Маре, Металург е во ситуација да мора да победи, доколку сака да ги задржи шансите за висок пласман. Натпреварот пред својата публика е одлична шанса за младиот тим на Металург да се реваншира и со победа над Романците, да се врати во горниот дел на табелата, пред тринеделната пауза во ЛШ. Квалитетот на Металург не дозволува нашата екипа да се нарече фаворит пред ниту еден дуел во Лигата на шампиони. Така е и пред дуелот со Баја Маре. Загрижува големиот број на технички грешки и пад на концентрација на последниот меч, и тоа е нешто што Металург ќе мора да го поправи, доколку сака да триумфира во недела. Мечот е можност и публиката да дојде во поголем број, за да ја поддржи својата екипа.
Сите три меча викендов, ќе бидат пренесувани на МРТ1.