Каков фудбал, каква кошарка. Уште еднаш се потврди – ракометот е спорт број 1 во Македонија. Ако некој сеуште се сомнева во оваа констатација, нека ја посети официјалната страна на ЕХФ лигата на шампиони, и таму ќе види нешто што го нема, ниту ќе го има некогаш Македонија во екипните спортови – двајцата наши претставници се на врвот на своите групи во ЛШ.
Вардар и Металург. Два различни концепти, различни визии, екипи со различни амбиции. Па сепак, едно нешто ги спојува – после три кола и двете екипи се први во својата, секако различна по квалитет, група во ракометната лига на шампиони.
Вардар е единствена екипа која е со максимален учинок по три одиграни кола во двете групи во посилниот по квалитет дел од Лигата на шампионите. Впрочем, од почетокот на сезоната, Вардар нема пораз ни во СЕХА регионалната лига, што покажува колкав е квалитетот на екипата. По три одиграни кола, впечатокот дека Вардар е „печен“ за Фајнал 4. Од осамостојувањето на Македонија, не постоел ниту машки, ниту женски спортски колектив кој имал посилен ростер. Тука ги вклучувам и златните години кога Кометал беше во врвот на Европа. Тогаш имаше екипи кои имаа посилни тимови од Кометал Ѓорче Петров, но го немаа тоа што го имаа македонските шампионки. Хемија, лидер (Кастратовиќ), тимска игра, публика која дише со екипата на секој меч. Вардар сега за сега има играчи со врвен квалитет. Се чини дека и тимската игра е подобра од меч во меч, но има уште простор за напредок. Во тим со многу ѕвезди, прашање е кој е лидерот на екипата, иако отскокнуваат Дибиров и Штербик како играчи со врвен квалитет и огромно искуство, кои знаат да ја покренат екипата кога им е најтешко. Останува релацијата клуб-навивачи која во моментов е нарушена, и за доброто на екипата и нивните амбиции, се надеваме дека тоа брзо ќе се разреши. Сепак, треба да бидеме реални и да не се залетуваме премногу. Распоредот до сега му оди во прилог на Вардар. Во првите три кола сеуште немаа дуел со најсилните екипи во групата Б, со директните конкуренти Барселона, Рајн-Некар и Киелце. Трите победи ги ставаат во одлична позиција, токму во пресрет на дуелите со овие ултра силни екипи, кога ќе треба да го покажат својот квалитет и да ги потврдат високите амбиции.
Вториот претставник во ЛШ, Металург, доживува ренесанса. „Металург е жив“ изјави Червар по триумфот на Кадетен пред една недела. По вториот триумф, овој пат над Елверум, задоволството беше уште поголемо. И кај стручниот штаб и кај играчите. За разлика од Вардар, Металург сезонава е воден од поинакви принципи. Во Металург, со исклучок на Јанко Божовиќ, нема ракометар со врвен индивидуален квалитет. Но во Металург гледаме нешто што низ годините го красеше овој клуб. Големо ракометно срце, пеколна одбрана (која на последните 2 меча функционира беспрекорно) и извонреден стартег во ликот на Лино Червар. Во Металург оваа година има и нешто ново. Гледаме една целосно нова генерација млади ракометари кои се желни за работа, за докажување и за напредок. Згора на се, тие се гладни за успех. Секако, ова моментално прво место никого не треба да залажува. Металург е во група со далеку понизок квалитет од групите А и Б, и тоа мора да се има во предвид. Но, тоа не го намалува успехот на Металург и особено идејата на стручниот штаб да се изгради една нова генерација, пред се македонски, ракометари кои во иднина ќе бидат подготвени за најголеми успеси, како на екипен, така и на репрезентативен план.
Сеуште е многу рано во овогодинешната Лигата на шампиони и моменталните пласмани на Вардар и Металург, навистина не мора да значат ништо. Мечевите до крај на октомври многу попрецизно ќе ги покажат можностите и на Вардар и на Металург. Но, тоа не не спречува да се радуваме на моменталните успеси на македонските ракометни претставници, и едни од ретките вистински спортски амбасадори на Македонија на меѓународните спортски натпреварувања.
Екипата на МакРакомет од името на сите ракометни фанови во Македонија им посакува многу среќа и на Вардар и на Металург во понатамошниот тек од лигата на шампиони.