Консултант на тренерот Индира Кастратовиќ, Ким Расмусен кратко „траеше“ на клупата на ЖРК Вардар. Нецел месец по именувањето, Данецот и „црвено-црните“ спогодбено го раскинаа договорот по неочекуваниот пораз од Лајпциг во Лигата на шампионите, каде очигледно дека тренерскиот тим на „вардарки“ не функционираше најдобро, што се одрази негативно и врз играта и врз резултатот на овој тим.

„Македонскиот женски ракометен првак ЖРК Вардар и Ким Расмусен спогодбено го раскина договорот за соработка. Данскиот тренер беше дел од екипата во функција на тренер-консултант. ЖРК Вардар му посакува успешна работа во иднина на Ким Расмусен“ – се вели во соопштението на актуелниот првак на Македонија во женска конкуренција.

Индира Кастратовиќ ќе остане на чело на „вардарки“, сега без „консултант“ крај себе, а ЖРК Вардар својот следен предизвик ќе го има веќе следниот викенд, на домашен терен против тимот на Крим.