Натурализираниот Словенец, Ренато Вугринец, е најискусниот и највозрасниот играч во нашиот тим. Тој има зад себе настапи на ЕП и СП за Словенија. Ветеранот покажа дека и покрај своите години може да одигра одлично, како во одбрана, така и во напад, а кризата во Металург засега ја става во „втор план“ и целосно е фокусиран на настапот во „црвено-жолтиот“ дрес.

„Голема работа е за Македонија настап на СП. Сите играчи ќе дадеме сѐ од себе, нема никаков страв, ќе одиграме најдобро. Тунис игра доста контакт игра, но можеме да парираме и на тоа, и ќе чекаме како ‘наполнети пушки’ да почне натпреварот. Не гледам дека треба нешто да форсирам околу сегашната ситуација со клубот, зашто целосно сум подреден на репрезентацијата. Таа се памети по успех, а не по тоа како играл некој поединец. Тоа што се случи со Металуг нѐ погоди најмногу нас играчите од тој клуб, но тука сите размислуваме за репрезентацијата. Знам дека ќе има многу менаџери и клубови што ќе нѐ гледаат но, никој од нас не размислува сега на тоа“ – изјави Ренато Вугринец.

„Направивме доби и силни подготовки. Ние играчите од Металург бевме помалку подготвени, физички и психички, но се дигнавме за најмалку две скалила со формата, и тоа го чувствувам и јас во својата игра. Секој ден сум се подобар. Тука има 16-18 играчи и долг ќе биде турнирот, и важно е да одиграш најдобро, за тие 10-20 минути колку што ќе бидеш. Јас едвај чекам да заиграм“ – заврши Вугринец.