Во сабота, ракометарите на Вардар го играат првиот од двата најважни натпревари сезонава. Првиот четвртфинален дуел со екипата на Киелце. Дуел кој може да биде запишан во историјата на македонскиот ракомет.
Полскиот првак е последната пречка до историски успех на македонскиот клупски ракомет. Киелце можеби беше посакуваниот противник (имајќи во предвид дека никој не сака да игра со Барса, Кил или Веспрем), но да нема сомнение. Тоа е една од најсилните ракометни екипи во изминативе неколку години. Екипата која оди на победа и на домашен, и на гостински терен. Екипа, каде колективот е нивната најсилна страна. Бековска линија сочинета од полските репрезентативци Карол Бјелицки, Михаел Јурецки, Криштоф Лијевски, Грегор Ткачик, засилена со Урош Зорман и Денис Бунтиќ. Убоита крилна постава, каде се феноменалните хрватски репрезентативци Иван Чупиќ и Мануел Штрлек. На пивотменската позиција, Киелце го има Агинагалде, еден од најдобрите пивоти на денешницата. Кога на овој ростер ќе се додаде и тренерот Талант Душебаев, нема дилема околу силината на овој противник.
За пласман на Фајнал 4 турнирот, Вардар мора да ја пружи најдобрата партија сезонава. А ракометната македонска јавност знае дека Вардар тоа го може.
Нема да е ништо ново, ако кажеме дека одбраната на чело со Штербик е клучно за триумф. Цврстата одбрана, на граница на дозволеното треба да ја разбие моќната бековска линија противникот и да овозможи брзи контри и лесни голови преку луцидниот Дибиров. Впрочем, дуелот Дибиров – Чупиќ е еден од оние кои сигурно ќе го обележат овој судир на Вардар и Киелце. Во нападот радува се подобрата игра на Горбок, кој ќе мора да биде најдобар сезонава, ако сакаме Вардар да го гледаме на завршниот турнир. Добри партии од Душебаев, Карачиќ, Дибиров, како и пивотите Тоскиќ и Стоилов се некако веќе стандард на кој се навикнавме, и кој се надеваме дека ќе го видиме во сабота.
Проценките на МакРакомет се дека ќе гледаме два тесни дуели и само присебноста, моменталната мотивација, па ако сакате и еден единствен потег ќе го реши патникот во полуфиналето. Очекуваме две средби со мал триумф на едната или другата екипа. Вардар е фаворит на првиот натпревар, и секоја победа ќе биде добредојдена и ќе го префрли притисокот на спротивната страна.
Шансата за историски успех е тука. Време е македонскиот првак таа шанса да ја искористи!