Денес во рамките на првото коло од новата сезона од ВИП машката Супер лига, ќе се сретнат екипите на РК Вардар Јуниор и РК Металург. Ова е нивни прв меѓусебен дуел, со оглед на тоа дека екипата на РК Вардар Јуниор од оваа сезона е дел од најсилното македонско првенство. Со овој натпревар ќе се заокружи првото коло од ВИП машката Супер лига.

Натпреварот е закажан за денес со почеток од 17 часот, а ќе се одигра во СРЦ Кале.

Ракометарот на Металург, десното крило Никола Костески за сајтот на МакРакомет го изјави следното:

„Денешниот натпревар е прв за нас во оваа нова натпреварувачка сезона. Играме против екипата на Вардар Јуниор и никако не смееме да го потцениме противникот. Ние сме спремни, мотивирани и одиме на победа.”

За потсетување, сите натпревари од ВИП машката Супер лига ќе бидат пренесувани во живо на официјалната страна на Ракометната федерација на Македонија.