Со средбата помеѓу екипите на РК Металург и на РК Радовиш започнува вториот дел од првенството, плеј-оф фазата на машката ВИП Супер лига. Во овој дел од првенството се приклучуваат и екипите-учеснички во Лигата на шампионите и во СЕХА лигата, РК Металург и РК Вардар. Оваа средба е закажана за денес (петок), со почеток во 19 часот, а домаќин е екипата од „Автокоманда”.
За очекувањата и амбициите за понатамошен успех, МакРакомет разговараше со играчите од двата табора, Никола Костески (РК Металург) и Миле Ордев (РК Радовиш).
Десното крило на РК Металург, Никола Костески запрашан за очекувањата за овој натпревар ни ја даде следнава изјава:
„Денешниот натпревар против РК Радовиш, за нас ќе претставува тест за се она што досега го работевме на подготовките и тренинзите за оваа фаза од првенството. Јас и моите соиграчи сме максимално подготвени, а атмосферата во клубот е одлична. Спремни сме да го дадеме својот максимум за да дојдеме до победа и да ја израдуваме нашата верна публика.“
Од екипата на РК Радовиш, разговаравме со средниот бек Миле Ордев, кој за очекувањата од претстојниот натпревар и за амбициите на клубот ни го изјави следново:
„Се очекува доста неизвесна игра со оглед на тоа што сепак се натпреваруваме со екипа која има подготвени и искусни играчи на теренот. Ние како тим доста макотрпно трениравме во изминатиот период, трудејќи се да ги намалиме слабостите кои се јавуваат во текот на нашата игра , а победите кои ги извојуваме зборуваат за кондиционата спремност на играчите. Важно е тоа што добиваме голема помош од Општината Радовиш како и од рудникот „Бучим“ – Радовиш, без чија помош не би можеле да ги одржуваме потребните подготовки за претстојните натпревари. И утре ја очекуваме поддршката од љубителите на ракометот посебно од навивачката група „Лебари“ , кои умеат да ја загреат атмосферата и да ни дадат дополнителна мотивација за остварување на победа.“
Покрај денешниот дуел Металург- Радовиш, во другите два натпревари од 1-то коло во плејофот викендов играат: Зомимак – Тинекс Пролет и Вардар – Прилеп.
За сите љубители на ракометот, влезот за оваа средба е слободен.