Екипата на Металург дојде до нова победа иако овој пат потешко од очекуваното. РК Радовиш беше одличен противник, но сепак на крајот немаа сили за да дојдат до нивна нова победа и изненадување во нашето домашно првенство.

Во првото полувреме имаше одлична игра и на двата тима, па така од минута во минута водството преминуваше од кај едната екипа кај другата. Прв пат, ракометарите на Радовиш дојдоа до +2 во средината на првото полувреме (8:10). Металург влегуваше во грешки, а гостите тоа го искористува, па токму затоа Червар беше принуден да го смени голманот, па на голот застана одличниот Дупјачанец. Со низа од неколку негови интервенции дојде до изедначување на резултатот, но сепак гостите заминаа со минимална предност на полувремето 14:15.

Во второто полувреме, во воведните минути гостите имаа водство 15:16, но со брза и организирана игра во нападот и одбраната, Металург успеа резултатски да се одлепи 22:18. Оттука, Металург го зголемуваше своето водство за на крајот тоа да изнесува +7, 31:24.

Најефикасни на овој натпревар беа Матиќ од Металург и Блажески од Радовиш. Со оваа победа, РК Металург се врати на врвот на табелата со 15 бодови, но повторно со натпревар помалку.