Ракометарите на РК Струмица денес го играа четвртиот натпревар во СЕХА лигата, каде на домашен терен го пречекуваат Мешков Брест од Белорусија. Две екипи кои имаа лош старт во ова натпреварување, па на овој натпревар ќе пробаат да го поправат впечатокот. РК Струмица во трите натпревари забележа еден нерешен резултат и два порази, а екипата на Мешков Брест една победа и два порази.
Белоруската екипа сезонава е далеку поквалитетна од минатата сезона, но на овој натпревар ќе биде без своите двајца главни играчи Павел Атман и Никола Манојлович, поради повреди. Шанса за струмичани пред своја публика да го дадат својот максимум и да ги изненадат ракометарите на Мешков Брест, со што би стигнале до првата победа оваа сезона.
Но, за сето тоа да стане реалност, треба најпрво ракометарите на РК Струмица сериозно да си ја сфатат својата работа и да почнат максимално сконцентрирано да играат цел натпревар. Бидејќи на првите натпревари тоа не го покажаа, ја немаше борбеноста со која претходно се одликуваше струмичката екипа.
Можеби ова се први натпревари и искуството си го прави своето, но тоа не е оправдување за сето ова. Со што веќе очекуваме уште на овој натпревар ракометарите на РК Струмица да го поправат впечатокот и да ја забележат првата победа.
Натпреварот започнува од 20:15 часот, со директен преност на МРТ1.