Ракометарите на РК Струмица после последниот пораз на гостувањето кај Нексе, утре продолжуваат понатаму кај еден од кандидатите за Ф4 оваа сезона во СЕХА лигата, екипата на Татран Прешов. Екипа која моментално е на врвот на табелата, со 6 победи и 1 пораз, со два одиграни натпревари повеќе од Веспрем и еден од ППД Загреб. Словаците на последниот натпревар ги поразија ППД Загреб со убедливи 30:23, што многу кажува за нивниот квалитет оваа сезона и нивните оправдани очекувања.

Струмичани го отворија ова натпреварување токму против оваа екипа, каде на домашен терен изгубија со 24:31. Но, покрај многуте проблеми со кои се соочува РК Струмица, на утрешниот натпревар против Татран Прешов треба да го дадат својот максимум и достоинствено да го претстават македонскиот ракомет.

Еден од клучните играчи на последните натпревари Ален Куленовиќ, фаворитска улога им ја даде на Татран Прешов, но вети максимална борбеност на сите ракометари, се со цел да остварат добар резултат.

„И покрај многубројните проблеми со кој се соочуваме пред утрешниот меч, ние ќе го дадеме својот максимум да дојдеме до добар резултат. Сепак фаворит во овој меч е Татран Прешов, но ние нема лесно да се предадеме, туку напротив ќе пробаме да им се спротиставиме на искусните ракометари на Татран Прешов“
– изјави Куленовиќ.

Натпреварот се игра утре(сабота) со почеток од 18:00 часот.