Ретки се деновите во македонскиот спорт кога три екипи во ист ден имаат натпревари во некои европски напреварувања. Уште поретко, и тоа во европски не само во македонски услови, е кога се работи за најквалитетното натпреварување (Лига на Шампиони) и кога се се случува во ист спорт. Токму таква, неповторлива сабота ќе имаат сите љубители на ракометот во Македонија.

ЖРК Вардар, РК Вардар и РК Металург ќе ги одиграат своите мечеви од ЛШ оваа сабота. За наша среќа, сите мечеви се во различни термини, па ќе може сите да ги одгледаме со полно внимание.

Денот започнува со дуелот Турингер – ЖРК Вардар, со почеток од 14:30 часот. Натпревар со исклучително значење за нашиот првак. Иако пласманот на вардарки во следната рунда натпревари е осигуран, многу е важно со колку бодови ќе ги започнат мечевите во следната група. Затоа, победа и 2 нови бода од дуелот во Германија се неопходни. Нема да биде лесно, во отсуство на неколку повредени играчи (Лекиќ, Хмирова, Фернандез, можеби и Кликовац), но формата на екипата расте, па очекуваме девојките да се вратат со позитивен резултат.

Веднаш по завршување на тој меч, следи ракометно уживање, реванш дуелот меѓу екипите на Веспрем и Вардар. По спектакуларниот меч изминатиов викенд во Скопје, вардарци ќе се обидат да се реваншираат и непоразени да се вратат од гостувањето во Унгарија, а со тоа да останат во игра за првото место во групата. Секако, тоа ќе биде многу тешко. Исклучително силниот Веспрем е уште подоминантен кога игра пред својата публика, која слично како скопската знае да создаде одлична атмосфера на трибините. Но со сконцентрирана игра во одбраната и колку е можно повеќе контри и полуконтри, вардарци може да се надеваат на успех.

Ракометниот ден завршува со дуелот во Скопје, меѓу екипите на Металург и Ла Риоха. Совршен противник за македонскиот шампион да ја забележи првата победа во Лигата на шампиони сезонава. Иако шансите за пласман понатаму се сведени на теорија, Металург мора да одигра не само за себе, туку и за својата публика која години наназад е со својот тим и кога победува и кога губи. Повторно тешко дека Металург ќе може да одигра во високо темпо сите 60 минути, но квалитетот на македонските ракометари е доволен да се совлада противникот.

Ќе бидат тоа три тешки натпревари за македонските екипи викендов. Но, независно од противниците, очекуваме добри натпревари и 3 победи на нашите екипи.