Најслабата екипа во групата Б во Лигата на шампиони, Колдинг, ја совлада досега најдобрата екипа во истата група, македонскиот првак, Вардар. Конечни 33-31, за неверица меѓу вардаровите навивачи.

Никој во Македонија не ни помислуваше дека вака може да започне извештајот од мечот од 5-то коло во ЛШ. Но тоа е реалноста, Вардар одигра исклучително слабо. Тоа особено се однесува на играта во одбрана, што е главната причина за поразот. Тотално дезорганизирано, практично без голман (исклучително слаби беа и Ангелов и особено Милиќ), Вардар не можеше и овој пат да се извлече на индивидиуалниот квалитет на поедиците, кој е несомнен. Всушност, индивидуалните квалитети на Вардар (предничеа Дибиров, Македа и Карачиќ) и нивната одлична игра во нападот беа причина Вардар постојано да има активен резултат, кој сепак во ниту еден момент не успеа да го сврти во своја полза.

Звучи неверојатно, но резултатски, победата на Колдинг никогаш не беше доведена во прашање. Домаќините речиси во текот на целиот меч водеа со гол, два, и таа предност умешно ја чуваа, за во последните 10 минути дури и да ја покаат на +4 (30-26 во 54-та минута). Во тој момент веќе се беше јасно – КИФ Колдинг ја забележува првата победа, а Вардар првиот пораз во овогодинешната Лига на шампиони.

Најдобри стрелци кај Вардар беа Дибиров и Македа со по 7 голови, додека кај Колдинг нерешлива енигма за нашата одбрана беше Андерсон со 10 голови.

Поразот на Вардар реално доаѓа во многу лош момент. На Вардар во следните 4 кола му претстојат директни дуели со најголемите конкуренти за највисок пласман во групата, екипите на Киелце и Барселона. Од друга страна, овој пораз сигурно ќе делува отрезнувачки за играчите на македонскиот првак, и во полна сила и со целосна концентрација да го пречекаат дуелот со Киелце, наредниот викенд во СЦ Јане Сандански.