Како што посакувавме, македонската ракометна репрезентација со победа го стартуваше својот настап на СП во Катар. И тоа каква победа. Разновидно, искусно, но пред се квалитетно одиграа нашите репрезентативци и победата беше неминовна. По почетните 2-0, Македонија нагази, и до самиот крај целосно ја контролираше и играта и резултатот. Со серијата од 6-0, Македонија покажа дека знае како да му се спротивстави на нималку наивниот афрички противник.
Од тогаш, па се до самиот крај, Македонија во ниту еден момент не дозволи да има неизвесност околу победникот на мечот. На полувремето се замина со 18-14, разлика која се одржуваше некаде до 50-та минута, кога македонската ракометна репрезентација го искористи падот во играта на Тунижаните и стигна до 10 разлика на минута до крајот. Конечните 33-25 ја покажуваат комплетната доминација на Македонија во овој меч.
Победата е секако најбитна, но она што радува е тимската игра. Лазаров беше најпрецизен со 10 гола, но играта не беше на неговиот грб. Сите играчи пружија максимум, а ако веќе мора некој да се истакне, покрај капитенот Лазаров, тоа се и феноменалниот Дејан Манасков кој покажа дека се наоѓа во врвна форма со 6 гола од 6 обиди, извонредниот Филип Миркуловски со исто 6 погодоци, и исклучително борбениот Столе Стоилов. Но, и сите останати кои настапија, максимално придонесоа во големата победа.
Капитенот Кире Лазаров ги пофали сите свои играчи и извонредната игра на целиот тим: „Јас сум горд на моите соиграчи од одиграното на денешната средба. Лично сум пресреќен и задоволен од она што се случи. Сега сме поискусни и нема потреба од еуфорично прославување на победите. Продолжуваме понатаму. Утре продолжуваме со уште еден противник кој не смееме да го потцениме“.
И селекторот Обрван задоволен од играта, но и свесен дека ова е само почеток на еден долг и тежок турнир. „Знам дека цела Македонија слави, но ќе повторам дека нема потреба од еуфорија бидејќи сето тоа би било попусто кога утре не би забележале нов триумф“ – истакна македонскиот селектор на прес-конференцијата по мечот.
А утре противник на Македонија во второто коло е репрезентацијата на Иран, која денес загуби од Босна и Херцеговина со 30-25, иако на полувреме водеше со 12-16.
Мечот е со почеток во 17.00 часот, со директен преност на МРТ 1.