ВД селекторот на женската младинска репрезентација на Македонија, Симе Симовски, во интервју за МакРакомет зборува за престојните подготовки пред настапот на ЕП во Шпанија ова лето, за противниците во нашата група, како и за неговите очекувања до каде може да стигне оваа талентирана млада репрезентација.
1. Како течат подготовките за претстојното Европско првенство во Шпанија ова лето?
Подготовките ги започнавме на 10-ти Јуни во Скопје и тие ќе траат се до почетокот на првенството, до 20-ти Јули. Тие ќе бидат во неколку етапи. Целите подготовки ќе бидат во Скопје, нема да се оди никаде надвор од државата. Она што можам да го кажам е дека имаме одлични услови за работа во СЦ „Јане Сандански“. Во склоп со тоа имаме и стадион за добра физичка подготовка, како и теретана, фитнес и аеробик центар, што значи дека нашите комплетни подготовки ќе се одвиваат токму тука.
2. Кои се вашите очекувања и што мислите за нашите противници во групата?
Што се однесува до нашите противници, јас сметам дека сме дел од една многу квалитетна група. Сите репрезентации од нашата група се со многу добро ракометно искуство. Литванија е многу добар противник и во никој случај не треба да го потценуваме. Вториот противник, репрезентацијата на Германија е противник кој многу добро го познаваме, бидејќи имаме одиграно неколку меѓусебни дуели. Тие имаат неколку играчи кои се издвојуваат од останатите. Од оној видео материјал кој го имаме можеме да кажеме дека станува збор за сериозен противник кој има цел да оствари што повисок пласман. Додека за репрезентацијата на Русија, сметам дека на некој начин тие се фаворити, за нив можам да кажам се најдобро. Станува збор за една комплетна екипа.
Во оваа група, нас како репрезентација сите би не потценувале, но сепак мислам дека тука се нашите шанси и можности да одиме напред. Најважно е да имаме добра мотивација, со разумна игра и максимална залаганост би можеле да прикажеме добра игра и добар резултат.
3. Каква е атмосферата во репрезентацијата и каков е здравствениот билтен?
Атмосферата во екипата е фантастична, девојчињата се дружат, јас конкретно сум релативно малку со нив во репрезентацијата околу 2 до 3 месеци. Според она што го гледам, можам да кажам дека се одлично си функционира.
Здравствениот билтен е добар, нема некои посериозни повреди освен ситна повреда на мускулот на младата голманка Нина Ладева. Но, сепак во консултација со лекарскиот тим, Ладева ќе биде подготвена пред почетокот на првенството.
4. Од што ќе се состојат подготовките за ова Европско првенство? Дали ќе има контролни натпревари пред почетокот?
Во план, односно во програмата ни се неколку контролни натпревари, со селекциите на Хрватска, Бугарија и Србија. Како што кажав тоа се во програмата, а во договор со федерациите се надевам дека сето тоа ќе се изреализира.
5. Која е основната цел за ова ЕП и до каде може да стигне оваа репрезентација на Македонија на ова ЕП, бидејќи станува збор за една млада талентирана селекција?
Ќе се навратам на неколку реченици наназад, најважно е да прикажеме многу добра игра, да изиграме одлични натпревари. Одбраната треба да ни биде најважна, фаворит и атмосферата нормално. Сепак да резимирам, колективот е оној кој е најважен, со добар колектив, со добро согласување меѓусебно би биле на многу високо ниво. На оваа генерација и треба време да созрее и сметам дека со вакво темпо и ваков ритам на работа, за неколку години ќе имаме одлични резултати.