Попладнево селекторот на женскиот национален тим, Симе Симовски ги собра сите ракометарки во СЦ „Кале“, каде одржаа работениот состанок, за веднаш потоа и првиот тренинг во пресрет на квалификациските дуели со Црна Гора и со Хрватска за Европското првенство 2016 во Шведска.

На поширокиот список на Симовски се најдоа 20 ракометарки (во најголем дел комбинација од младинската и кадетската репрезентација), како и искусните интернационалки Зорица Десподовска, Елена Ѓеорѓиевска и Душица Ѓеорѓиевска, од кои ќе се очекува најмногу овие натпревари да помогнат со своето искуство и достоинствено да ја водат оваа млада репрезентација.

Тимот на МакРакомет присуствуваше на денешниот тренинг, каде можеше да се видат млади девојки кои се желни за нови предизвици. Ракометарки кои последниве 5-6 години напорно тренираат и oд гoдинa вo гoдинa нaпредувaaт oдличнo. Нешто што треба да се продолжи, за да може за некоја година да добиеме една квалитетна и искусна репрезентација, која ќе го радува македонскиот народ со успеси.

Потегот на селекторот Симовски го поздравуваме, нешто што никој немаше храброст да го направи … да започне од почеток и да креира од корен нова генерација во репрезентацијата. Им се дава шанса на поголемиот дел од ракометарките побрзо да созреваат, со што за брзо време да станат комплетни играчи.

Не се очекува сензација во овие квалификации, туку напротив од овие ракометарки на следните натпревари се очекува да одиграт на едно завидно ниво, да го покажат својот квалитет и својата борбеност, со кои несомнено веруваме дека достојно ќе им се спротистават на далеку поискусните репрезентации на Црна Гора и Хрватска.

*На денешниот собир, оправдано отсуствуваа ракометарките Ивана Гакидова и Зорица Десподовска кои имаат клупски обврски викендов.

1.КОЛО (07.10.2015)

  • Црна Гора – Македонија (19:30 часот)
  • Хрватска – Словенија (18:15 часот)

2. КОЛО (10.10.2015)

  • Македонија – Хрватска (17:45 часот)
  • Словенија – Црна Гора (16:00 часот)

Фото: Мартин Димовски ( @Lacialec )