Вардар сепак не успеа да го победи унгарскиот гигант Веспрем, несреќно загуби во последните моменти од натпреварот со 23:24. Натпревар кој секој ракометен фан би посакал да гледа, мелем за очи .. предводени од одличната атмосфера во СЦ Јане Сандански
Вардар натпреварот го отвори лошо, премногу технички грешки кои резултираа со водство уште во 10-тата минута, од 2:6 на екипата на Веспрем. Благодарение на двата гола на Дибиров, негативата не беше поголема.
Но, навреме се освестија нашите ракометари… ја подобрија играта во одбраната и со исклучување на Шуч, вардарци во 20-тата минута го изедначија резултатот на 8:8. За повторно потоа се опуштат и направат неколку технички грешки, и благодарение на голманот на Веспрем, унгарците заминаат на полувреме со 11:13.
Во второто полувреме, Гонзалес ја смени тактиката. Одбраната ја подигнаа на 7-9 метри, со што го збунија противникот. Следуваа технички грешки на двете страни, но благодарение на блескавата партија на Карачиќ, Вардар веќе во 42-та минута го изедначи резултатот на 17:17. Публиката се разбуди и благодарение на нивната поддршка и одличната одбрана на нашите ракометари, Вардар во 57-та минута поведе со 23:22.
Во возбудливиот финиш, на 30 секунди до крајот резултатот беше изедначен 23:23, нашите беа во напад. Но малото невнимание на Душебаев при додавањето кон Брумен, беше пресечено од страна на унгарското крило, кое тргна во контра и беше сопрено за пенал на 10 секунди до крајот. Илиќ ладнокрвно го реализираше, со што го постави крајниот резултат на натпреварот 23:24…
Но, тоа е спортот. Најбитно е што нашите ракометари го покажаа својот квалитет и најавија страшна битка за Ф4 оваа година во Лигата на шампиони.