Заврши вториот натпреварувачки ден, на кој се одиграа 11 натпревари. Ден кој го донесе и првото големо изненадување. Една од најсилните европски и светски репрезентации, и еден од главните фаворити на медал, репрезентацијата на Данска одигра само нерешено со Аргентина. Конечни 24-24, во натпревар на кој Аргентинците одиграа спектакуларно второ полувреме, кое го добија со резултат 16-11. На овој втор ден од шампионатот, за нас секако најважна е убедливата победа на Македонија над Тунис од 8 голови разлика. На другите мечеви без големи изненадувања, вклучително и на трите мечеви, кои ги најавивме како поинтересни.
Група Б: Хрватска 32–30 Австрија. Потешко од очекуваното, Хрватска ја совлада Австрија, оправдувајќи ја улогата на фаворит број 1 во групата Б. Но, само со резултатот. Во игра без игра, Хрватска победи само благодарение на искуството и индивидуалниот квалитет. Од друга страна, сите пофалби за Австрија, која храбро одигра целиот меч, без никаков комплекс кон големиот противник. Иако тоа овој пат не беше доволно за победа, Австрија стави до знаење дека ќе биде тежок противник за сите репрезентации во групата.
Група Ц: Шведска 24–16 Исланд. Шведска сепак не дозволи изненадување. Ја оправда улогата на голем фаворит и со една гранитна одбрана, ја совлада репрезентацијата на Исланд, со убедливи 8 голови разлика.
Група Д: Полска 26–29 Германија. Во меч без изразит фаворит, Германија ја совлада Полска со 29-26. Германците го контролираа резултатот речиси во текот на целиот меч. на неколкупати Полјаците се враќаа од негатива, која во еден дел од мечот достигна и 5 разлика, но не успеаа да направат целосен пресврт.
Сите резултати од денешниот, втор натпреварувачки ден:
Група А
15:00 Словенија 36-23 Чиле
15:00 Шпанија 38-33 Белорусија
Група Б
13:00 Босна и Херцеговина 30-25 Иран
15:00 Македонија 33-25 Тунис
17:00 Хрватска 32-30 Австрија
Група Ц
17:00 Алжир 20-34 Египет
19:00 Франција 30-27 Чешка Република
19:00 Шведска 24-16 Исланд
Група Д
13:00 Русија 27-17 Саудиска Арабија
17:00 Полска 26-29 Германија
19:00 Данска 24-24 Аргентина