Денес, екипата на Металург ги продолжува своите натпревари во елитното европско натпреварување, во Лигатана шампионите. По пауза од една недела, ЕХФ- недела, избраниците на Червар во 7-то коло од Лигата на шампионите на домашен терен, пред својата публика ќе ја пречекаат екипата на Мотор Запорожје, екипа која во првиот меѓусебен натпревар во првото коло беше подобра од Металург, совладувајќи го со 30:24.
Натпреварот е закажан за денес со почеток во 17:45 часот, а ќе се одигра во спортскиот центар ,,Борис Трајковски“. Директен пренос од овој натпревар од 7-то коло од Лигата на шампионите ќе врши Македонската радио телевизија.
Во пресрет на овој натпревар екипата на Металург одржа прес-конференција на која тренерот Червар и младиот Талески ги изнесоа своите очекувања.
Лино Червар: ,,Натпреварот со Мотор, в четврток, очекувам дека ќе биде многу интересен. Поради своето многу поголемо искуство, сметам дека тие се фаворити, но, јас верувам во нашата комбинација на младост и искуство, каква што имаме во тимот. Времето работи за нас и можам да кажам дека веќе на пролет, во плејоф-фазата Металург ќе биде многу посилен и ќе биде екипа на која сите ќе треба да сметаат сериозно. На средбата со Мотор ние ќе играме поагресивно и со подлабока зона, за да ги нападнеме нивните високи играчи. Проблем е што Мотор е екипа која оди на брз центар, и тоа со сите играчи. Брзиот центар и полуконтрата се нивното главно одружје. Во секој случај, за нас тие се незгоден противник, кој воопшто не ни одговара. Но, мислам дека со борба, со желба и со ентузијазам кај нашите играчи ќе ги надополниме нашите објективни слабости. Секој меч за нас е важен и е ново искуство. Ќе одиме на победа како и секогаш и нема да потклекнеме.“
Филип Талески: ,,Средбата во Украина беше прва за нашата млада екипа во Лигата на шампионите. Ние загубивме, но не се посрамотивме. Сега сме друга екипа, а дојде и Давид Шпилер, кој ќе ни биде од голема помош. Ако одиграме добро во одбраната, ќе можеме да се бориме за добар резултат и да докажеме дека поразот од првото коло не е реалната слика за нашиот квалитет“.
Свое деби на овој натпревар во дресот на Металург ќе има и новото засилување Давид Шпилер, кој се очекува да го оправда епитетот на вистинско засилување, како и на еден од подобрите централни бекови во Европа.
Металург на овој натпревар ќе настапи во следниот состав: Дупјачанец, Вуковиќ, Божовиќ, Бувиниќ, Костески, Кукоски, Кузмановски, Маџовски, Матиќ, Мраковчиќ, Палевски, Пешевски, Петров, Шпилер, Талески и Велковски.